ГРК Охрид е пред ангажман на унгарскиот репрезентативец Доминик Мате, десен бек на норвешкиот Елверум, јавуваат специјализирани ракометни портали. Според најавите, трансферот е во завршна фаза, а со овој потег охридскиот клуб испраќа јасен сигнал за дополнително зголемување на амбициите и засилување на ростерот за наредната сезона.

Мате (26) настапува на позицијата десен бек, зад себе има настапи во елитните европски натпреварувања. Во кариерата бил дел од ПСЖ, каде играше од 2022 до 2024 година, како и од полскиот гигант Келце.
По период обележан со повреда, унгарскиот интернационалец се врати на терените во дресот на норвешки Елверум, каде повторно настапува на високо ниво и во европските купови.
Доколку трансферот се реализира, Мате ќе формира силна конкуренција на десната бековска позиција заедно со Томислав Јагуриновски и Давид Савревски, дополнително зголемувајќи го квалитетот во тимот на Охрид.
За унгарската репрезентација дебитираше на Светското првенство во 2019 година, а во меѓувреме се етаблираше како стандарден член на националниот состав.
Според достапните податоци, Мате веќе се води како потенцијално засилување на ГРК Охрид за следната сезона, што укажува дека договорот е во напредна фаза на реализација.
Г.М.
Фото: ЕХФ












