ГРК Охрид е пред нов европски предизвик во одбраната на титулата во ЕХФ Европскиот куп. Во пресрет на двомечот со турски Спор Тото СК, кој на 23 и 24 октомври ќе се одигра во Охрид, стартува продажбата на билетите.
Продажбата ќе се врши исклучиво на билетарницата во СРЦ „Билјанини извори“.
Утре, среда, од 15 до 18 часот, билети ќе можат да купат само имателите на сезонски билети. Од четврток, продажбата ќе биде отворена за сите останати љубители на ракометот, секој ден во терминот од 15 до 18 часот.
Двата натпревари со Спор Тото ќе се играат во „Билјанини извори“ со почеток во 18:30 часот, првиот на 23 октомври, а реваншот еден ден подоцна, на 24 октомври.
Охрид во новата европска сезона влегува како бранител на трофејот. „Гладијаторите“ минатата сезона го остварија најголемиот успех во клупската историја, освојувајќи го ЕХФ Европскиот куп. Во финалниот двомеч против Татабања славеа со 29:28 на гостински терен и 31:25 во преполната „Билјанини извори“, каде што ја кренаа европската круна.
Сега пред ГРК Охрид е нова европска мисија, а првата пречка на патот во одбраната на титулата е Спор Тото. Турскиот состав до второто коло стигна убедливо, елиминирајќи ја Вогошќа со две високи победи, 40:22 и 37:21, односно вкупни 77:43.
Г.М.












