Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот куп, ГРК Охрид, одбраната на европската титула ќе ја започне против турски Спор Тото СК. Така одлучи ждрепката што денеска се одржа во Виена.

Охриѓани ќе бидат домаќини на првиот натпревар, кој ќе се одигра на 17 или 18 октомври во СРЦ „Билјанини извори“, додека реваншот е на програмата на 24 или 25 октомври.

За ГРК Охрид ова ќе биде почеток на нова европска авантура, овојпат во поинаква улога, како бранител на трофејот.

„Гладијаторите“ минатата сезона ја испишаа најсветлата страница во клупската историја, освојувајќи го првиот европски трофеј. Во големото финале против унгарска Татабања, Охрид најпрво славеше на гостувањето со 29:28, а потоа, пред преполните трибини во „Билјанини извори“, убедливо го доби реваншот со 31:25 и ја крена европската круна.

Патот до историскиот успех беше импресивен. Охрид во елиминациската фаза ги мина Баки, Дукла Прага, Олимпијакос и Целје, а европската сезона ја заврши со максимален ефект на домашен терен.

Првата пречка на патот кон одбраната на титулата ќе биде Спор Тото СК од Анкара. Станува збор за клуб кој настапува во најсилната турска ракометна конкуренција и има искуство на европската сцена. Спор Тото е дел од истоимениот спортски клуб од турската престолнина, а во изминатите сезони редовно е меѓу екипите од горниот дел на турскиот ракомет.

Во втората рунда од ЕХФ Европскиот куп сезонава учествуваат 64 екипи. Меѓу нив се и пет освојувачи на натпреварувањето од последните сезони, актуелниот шампион ГРК Охрид, Алкалоид, Војводина, норвешки Нербо и АЕК од Атина.

Победникот од двомечот меѓу ГРК Охрид и Спор Тото ќе обезбеди пласман меѓу 32-те екипи во третата рунда од ЕХФ Европскиот куп.

Г.М.