Екипата на Охрид го совлада Тиквеш 29:22 (17:12) во последното коло од плејофот во Супер лигата, што се одигра попладнево во салата „Билјанини извори“. Технички домаќин беше Тиквеш, но тоа многу не им помогна на кавадарчани кои и покрај желбата немаа сили за нешто повеќе од пристоен пораз против комбинираниот тим на Охрид.
Тренерот Ројевиќ, разбирливо, ги одмараше играчите од првата постава, а шанса добија неколкумина играчи од младинскиот погон на Охрид кои ги освоија симпатиите на публиката.
Четворица играчи на Охрид постигнаа по 4 гола, а голманите искомбинираа 11 одбрани.
Статистика ГРК Охрид: Блажески (9 одбрани), Ѓорѓески (2 одбрани), Стрмљан, Јагуриноски 3, Кукуловски 3, Јасухира 4, Ристески 3, Тасески, Реј, Софкоски 4, Лиапис 4, Бојаниќ 4, Јанчески, Ѓукиќ, Ќосевски 2, Прибетиќ 2.
ГРК Охрид сега се насочува кон реванш натпреварот од ЕХФ Европскиот куп против МОЛ Татабања што се игра во недела, 31 мај во салата „Билјанини извори“ која е целосно распродадена. Охрид во првиот меч одигран во Татабања славеше 28:29.
Фото галерија:
Г.М.
Фото: А. Момироска


































































