ГРК Охрид ја забележа втората победа во новоформираната Регионална ракометна лига, откако вечерва на гостувањето во Црна Гора ја совлада Будва со 22:20.

Охриѓани со тоа го продолжија успешниот старт во регионалното натпреварување и по првите два настапи имаат максимален ефект.

Најефикасен во редовите на Охрид беше Лиапис со 5 гола, а Дино Славиќ блескаше на голот со 18 одбрани.

Статистика ГРК Охрид: Славиќ – 18 одбрани, Лиапис 5, Ивановски 3, Иванковиќ 3, Ѓикиќ 3, Савревски 2, Зечевиќ 2, Ќосевски 1, Мате 1, Кеита 1, Талески 1.

Првата победа ГРК Охрид ја оствари на домашен терен против Војводина со убедливи 29:19, во натпревар одигран во СЦ „Билјанини Извори“. Тој дуел воедно беше дел и од Меѓународниот турнир „Крсте Андоновски“, на кој охридскиот состав подоцна го освои трофејот.

Според официјалниот распоред на Регионалната лига, ГРК Охрид веќе на 28 август го очекува ново гостување во Србија. Во третото коло од групата Б, избраниците на Борис Ројевиќ ќе се сретнат со Динамо Панчево, а натпреварот е закажан за 18 часот.

Во групата Б, покрај Охрид, настапуваат уште Војводина, Динамо Панчево, Будва и Вардар 1961.