Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот куп ГРК Охрид направи голем чекор кон осминафиналето, совладувајќи го литвански Драгунас Клаипеда со 30:19 (13:7) во првиот натпревар од третото коло.
Иако натпреварот се одигра во СРЦ „Билјанини извори“, формален домаќин беше литванскиот состав. Охриѓани ја оправдаа фаворитската улога и обезбедија убедлива предност од 11 гола пред утрешниот реванш, кој исто така ќе се игра во Охрид.
Почетокот на средбата не беше најдобар за „гладијаторите“. Драгунас поведе со 4:2, но избраниците на Борис Ројевиќ постепено ја презедоа контролата. Со серија од четири погодоци Охрид го сврте резултатот на 6:4, а во завршницата од првото полувреме ја зголеми предноста на шест гола – 13:7.
На почетокот од вториот дел литванскиот тим успеа да ја намали негативата на 14:11, но Охрид брзо ја стабилизираше играта и повторно се одлепи. Во последните десетина минути „гладијаторите“ целосно доминираа. Од 21:17 следуваше серија од седум последователни погодоци за убедливи 28:17, а конечниот резултат беше 30:19.
Најефикасни во составот на ГРК Охрид беа Доминик Мате и Никола Зечевиќ со по седум погодоци. Мате реализираше седум од 13 обиди, додека Зечевиќ имаше одлична реализација од седум гола од осум шута.
По три погодоци постигнаа Николаос Лиапис и Дарко Ѓукиќ, а по два Тилен Стрмљан, Томислав Јагуриновски, Шуичи Јошида и Анте Иванковиќ. Во листата на стрелците се запишаа и Адама Кеита и Мартин Ивановски со по еден гол.
На голот Дино Славиќ забележа девет одбрани.
Статистика ГРК Охрид: Стрмљан 2, Ојлески, Јагуриновски 2, Јошида 2, Иванковиќ 2, Кеита 1, Карапалевски, Савревски, Мате 7, Лиапис 3, Зечевиќ 7, Ивановски 1, Ѓукиќ 3, Ќосевски, Славиќ 9 одбрани, Блажески.
Кај Драгунас најефикасен беше Паулиус Чесна со пет погодоци, додека Лукас Јушкенас и Миколас Лапиниаускас постигнаа по четири.
Утре реванш во Охрид – „гладијаторите“ пред осминафинале
Вториот натпревар меѓу ГРК Охрид и Драгунас Клаипеда ќе се одигра утре, недела, 22 ноември, со почеток во 18:00 часот во СРЦ „Билјанини извори“.
Овојпат формален домаќин ќе биде ГРК Охрид.
Охридскиот состав и во претходното коло ги одигра двата натпревари на домашен терен, кога убедливо го елиминираше турски Спор Тото со вкупни 74:46.
Фото галерија:
ГРК Охрид убедлив против Драгунас, „гладијаторите“ со 11 гола предност го чекаат реваншот
Г.М.
Фото: Анамарија Момироска















































