ГРК Охрид ја забележа втората победа на петтото издание на Меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“, совладувајќи ја Војводина со убедливи 29:19.

Натпреварот од второто коло во групата А имаше двојно значење за охриѓани, бидејќи воедно беше и нивни прв домашен натпревар во новата Регионална ракометна лига.

Охрид одигра квалитетен натпревар против српскиот тим и со сигурна игра стигна до победа од десет голови разлика. За најкорисен играч – МВП на натпреварот, беше прогласен голманот на ГРК Охрид, Дино Славиќ.

За охриѓани ова е втор триумф во исто толку натпревари на „Крсте Андоновски“. На отворањето на турнирот избраниците на Борис Ројевиќ ја совладаа младата репрезентација на Египет со 31:27.

Претходно денеска, во второто коло од групата А, Загреб убедливо ја совлада репрезентацијата на Египет до 20 години со 38:28.

По две одиграни кола, Охрид и Загреб имаат по две победи, а токму нивната меѓусебна пресметка во последното коло од групната фаза ќе решава за пласманот во групата.

Г.М.

Фото: А. Момироска