Вечерва во Охрид со присуство на градоначалникот на скопската општина Карпош, Стевче Јакимоски, свечено беа отворени новите прoстории од каде во иднина ќе делува Граѓанската опција за Македонија.
Претседателот на општинскиот огранок на ГРОМ, актуелниот член на Советот при општина Охрид, Љупчо Настоски, истакна дека преку константна комуникација со граѓаните ќе има можност да го исполне својот животен сон.
„Длабоко ветувам дека со работа на терен ќе имам можност да се реализирам себе си и да го сработам она што го имам зацртано во мојот животен век. А тоа е мојот народ и моите сограѓани. Се гордеам со реализација на бројните хумани гестови кои ги направив кон ранливата категорија граѓани, непропуштајќи ниту една прилика да им помогнам во секој момент кога им е потребно, секако во рамките на моите можности. Сакам да изразам огромна благодарност до лидерот на ГРОМ, г-динот Стевче Јакимоски.“ – истакна Љупчо Настоски, актуелен член во Советот при општина Охрид и претседател на општинскиот огранок на ГРОМ.
Лидерот на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош, Стевче Јакимоски, потенцира дека партијата веќе има 14 свои канцеларии ширум земјава, од каде што симпатизерите и членовите ќе имаат можност да комуницираат со граѓаните и да ги реализираат своите идеи.
„Ќе се потрудиме да бидеме блиску до граѓаните и да ги пренесеме вашите ставови за актуелната политичка состојба во РМ. Сакам да нагласам дека ГРОМ е се уште на ниво на иницијатива, но се трудиме во овој временски период да видиме колку поддржувачи и членови имаме, колку од граѓаните сакаат активно да се вклучат во нашата партија. Таа во моментов брои над 12 000 членови, а статистиките покажуваат дека до Нова година ќе имаме 20 000, односно до предвремените избори скоро 30 000. Тоа е сосема доволен број да можеме успешно да настапиме, односно да можеме да ги покриеме сите 3000 избирачки места со наши посматрачи. Работиме во секое населено место, без разлика дали се работи за рурална или градска средина.“ – потенцира Јакимоски.
Тој додаде дека целта на ГРОМ е да им укаже на граѓаните дека станува збор за мултиетничка партија која ќе го отсликува соживотот во земјава и ќе ги реализира евро-атлантските замисли на сите жители во Македонија.
„Оваа партија ќе се бори да функционира правото и правната држава. Таа сака да им даде шанса на сите оние кои се вредни и креативни, особено на младите луѓе. ГРОМ не се сложува во Македонија да постои црно-бел свет затоа што има други решенија за излез од кризата. Да не биде само Карпош една успешна приказан, туку целата земја. Ние размислуваме дека конечно Македонија и граѓаните заслужуваат да видат што е она кое го нудиме, како ние ја гледаме земјава во нејзиниот развиток, затоа што со години опозицијата и власта се расправаат. Даваме можност за избор на граѓаните.“ – додаде Јакимоски.
Лидерот на ГРОМ истакна дека партијата е формирана со цел да ја освои централната власт во Македонија, на евентуални предвремени избори предвидени за следната година.
„Не може да постои партија, ако нејзиното членство не сака избори. Искрен да бидам, јас вум веќе власт, јас сум премиер на Карпош. Да можеме да вклучиме што е можно повеќе млади луѓе да се реализираат и во политичкиот дел и во делот на управување со разните институции во оваа држава.“ – истакна Јакимоски.
OhridNews