Вечерва се одржа основачко собрание на ГРОМ, нова партија на македонската политичка сцена. За нејзин претседател делегатите го избраа Стевче Јакимовски, актуелен градоначалник на Карпош, јавува „Телма“.

-ГРОМ ќе се залага за поголемо учество на граѓаните во одлучувањето во државата на сите нивоа, изјави Јакимовски кој додаде дека партијата ќе ги застапува нивните ставови, предлози или проекти.На тој начин, како што беше речено, ГРОМ ќе внесе „боја во политичкиот живот“.

Црвената боја е заштитната боја на партијата – сите мажи делегати носеа црвени вратоврски, а жените црвени марами.

Новата партија се изјасни дека е против името на државата да се менува, а е против и организирањето на референдум по ова прашање, а ќе се залага за т.н. двојна формула – Република Македонија кон сите други држави, а единствено кон Грција име кое ќе биде заеднички договорено.

Партијата, како што рече Јакимовски, ќе има посебен однос кон спортот и ќе ги вреднува успесите на спортистите на вистинскиот начин.

-Каде се видело да се слави пето или четврто место на репрезентација? Се знае што е прво, второ и бронзен медал, рече Јакимовски.

ГРОМ, според изјава на Јакимовски, ќе учествува на претседателските избори закажани за наредната година, но, како што нагласи, верува дека во исто време ќе учествува и на парламентарни избори, кои, според него, би било логично да се одржат истовремено.

На основачкото собрание беа избрани и Централен и Надзорен одбор на ГРОМ, кој според најавите во добивањето на поддршка од граѓаните ќе атакува од политичкиот центар.

OhridNews
извор:„Телма“