Грција сè уште не го потврдила учеството на самитот – Процесот за соработка во Југоисточна Европа и Дијалогот на цивилизациите, настани коишто идниот викенд се организираат во Охрид.
Од Кабинетот на Претседателот Ѓорге Иванов очекуваат идната седмица Грција да испрати претставник на настаните, пренесува „Макфакс“.
Откажувањето на присуството на самитот на бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, од Кабинетот на Претседателот не го толкуваат како некоја „драматична“ порака, бидејќи на негово место ќе дојде премиерот на Бугарија, Марин Рајков.
„Вообичаено е да се промени нивото на претставување“, велат од Кабинетот на Иванов.
Македонија е во постојана комуникација со Белград и Приштина, но не се знае дали Косово ќе биде учесник на настаните, бидејќи не е формален член на ниту една од иницијативите. Освен Србија, проблем за учеството на Косово се и Романија и Грција, коишто не го признаваат како држава.
Засега присуството го потврдиле претседателот на Хрватска, Иво Јосиповиќ, претседателот на Молдова, Николае Тимофти, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Небојша Радмановиќ, претседателот на Албанија, Бујар Нишани, бугарскиот премиер Марин Рајков, претседателот на Романија, Трајан Басеску, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Србија, Томислав Николиќ и министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Давутоглу.
Во Охрид ќе бидат и сопругите на пет претседатели кои ќе имаат можност да ги разгледаат убавините на Охрид. Претседателот на своите гости ќе им подари македонски вина, македонска резба, сет од македонски традиционални производи, а ќе се служи традиционален македонска храна.
Самитот на 1-ви јуни е во рамки на македонското претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и ќе се одржи во Охрид. Самитот ќе им даде можност на лидерите од регионот заедно да најдат решенија за глобалните предизвици што влијаат на Југоисточна Европа. Самитот ќе опфати две теми, Намалување на ризикот од катастрофи и Прилагодување на климатските промени.
Дијалогот меѓу цивилизациите кој ќе се одржи следниот ден во Калишта, Струга, е платформа за соработка  меѓу земјите од југоисточна Европа, што во форма на годишни форуми се одржува во изминатите десет години на иницијатива на поранешниот претседател на Македонија, Борис Трајковски.
Предвидено е претседателот Иванов да одржи билатерални средби со сите присутни претседатели.

OhridNews