Тоа што СДСМ има двојно, па и тројно водство, а што се виде во разговорите за продолжување со работата на Комисијата за настаните од 24-ти декември, е лошо за државата, изјави денес премиерот Никола Груевски.

„Во СДСМ еден човек издава една команда, а се случува нешто друго, а и тој самиот не знае што му се случило зошто тој вели да одат на десно, а тие одат на лево. Мене ми е жал што е тоа така, особено затоа што не можеме да завршиме некои значајни работи што се важни за државата и тоа што земјата може да има последици”,рече премиерот.

Груевски смета дека, нерешавањето на прашањето со Комисијата ќе се рефлектира во следниот извештај на ЕУ, а може да резултира и со недобивање препорака за почеток на преговори.

„Проблемите на СДСМ внатре во партијата директно ќе се рефлектираат на проблеми во државата, и тоа сериозни проблеми. Се надевам дека ќе се најде начин СДСМ внатре во партијата да се консолидира, да се договорат и да имаат едно водство во интерес на државата”, додава Груевски.

Според премиерот, со двојното и тројното раководење не само што СДСМ ќе има проблеми, туку ќе има и државата.

Претходно во понеделник, членот на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски ги повика членовите предложени од СДСМ на средба, за да можат да продолжат со работата на комисијата, но од СДСМ, преку нивниот портпарол ја одбија неговата понуда.

OhridNews
извор: Макфакс