Македонија е заробена држава во која се води политички прогон против патриотите кои застанаа во одбрана на својата држава, истакна на прес конференција лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски по повод апсењата на 36 лица поврзани со насилството со Собранието што се случи на 27-ми април оваа година. Тој ја обвини власта дека сака да ја елиминира слободната мисла во земјата и ја дефокусира јавноста од реалните проблеми во општеството.

-Погледнете денес не е тема тоа што секоја втора вечер имаме убиства, имаме насилие, грабежи, рекетари, тема се луѓето кои беа на страната на државата. Ова се прави за да се отвори пат за промена на име, идентитет, јазик, неуставна двојазичност, историја. Во исто време, истиот ден кога се разговара во влада за законот за амнестија за над 1.000 затвореници сторители на тешки кривични дела, замислете за тероризам се обвинуваат оперски пејач, татко на три деца, актер татко на три деца, режисер кој е татко на две деца, доктор татко на три малолетни деца, архитект и итн. Нема ниту закони, ниту правила. Како во дивиот запад се елиминира секој кој слободно размислува и се грижи за државата. Ова е елиминација на слободната мисла, ова е збришување и пресметка на сите кои ја сакаат оваа земја и овој народ. И сето ова, додека се удира кон интелигенцијата, се пуштаат на слобода убијците на децата на Смилковско езеро, се пуштаат на слобода криминалци како Бајруш, како Красниќи и останати криминалци. – рече Груевски.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ обвини за неетичко приведување, посочувајќи дека интелектуалци се апселе пред членовите на своите семејства.

-За што треба да одговараат оперскиот пејач, режисер, актер, доктор, архитект. За тероризам, каде минималната казна е 10 години затвор кои се спротивставија на Тиранската Платформа со која се носи неуставна двојазичност, промена на унитарниот карактер на државата. Влезот на граѓаните беше реакција на акцијата на СДСМ и Заев насилно да го изберат Талат Џафери со цел да ја спроведат својата Тиранска агенда која еве сега се оделотворува. На крај ударот е и на пратеничката група која неуспеаја да ја разградат на друг начин и сега се оди на физичка елиминација на компактноста на пратеничката група на ВМРО за да во Собрание помине се што сакаат и е на дневна агенда. Ова е посипување на зла крв во целото општество. Во 21 век имаме процес против луѓе кои си ја сакаат својата земја, само затоа што гласно кажаа не на оваа хунта на власт. Нема да се заборави плачот на децата на Дурловски, на Жаклина, на Сашо, на децата на Крсто, на децата на сите оние кои утрово брутално ги апсеа пред нивните деца додека тие плачеа. Се прашувате зошто Дурловски од Миланската скала денес е со лисици на рацете, зошто Дамовски еден креативен човек и режисер го изнесуваат со комбе полицајци, зошто доктор Сашо е прогонуван исто како и доктор Љубен и Жаклина и Крсто и многу други кои поминуваат низ голгота -затоа што си ја сакаат земјата. Ова е последниот час кога ќе треба да се изреагира, да се заштитат луѓето затоа што правдата е на наша страна. Ова е борба на народот за својата држава против хунтата на власт која ја води оваа заробена држава. – рече Груевски.

Груевски побара тно и безусловно стопирање, на како што рече, малтретирањата, теророт и изживувањето кое го прави СДС и итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со политичкиот прогон, најавувајќи дека ВМРО ДПМНЕ ќе застане на чело на битката  за правдината, која според него, е и битка за татковината. 

OhridNews