Премиерот во владата на Република Македонија, Никола Груевски, заедно со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид и кандидатот за градоначалник Кирил Трендафилов-Нанче, денеска прошетаа низ охридската чаршија, при што остварија  средба со граѓаните.


„Овде сум со Кирил Трендафилов –Нанче којшто очекувам да биде идниот градоначалник на Охрид, за да ги разгледаме проблемите, да поразговараме за нив, да видиме со што можеме да му помогнеме на Охрид, но и да комуницираме со повеќе граѓани и да ги слушнеме нивните размислувања“, изјави премиерот Груевски.


Тој денеска го изрази своето уверување дека Охрид може да биде подобро место за живеење, дека може да се инвестира во него, за што, како што рече, се потребни време, средства и заеднички напори.

Македонскиот премиер заедно со градоначалничкиот кандидат, Кирил Трендафилов-Нанче денеска во куќата на преродбеникот Григор Прличев остварија средби со интелектуалци од Охрид.


Од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека Груевски попладнево ќе присуствува на улицата „Железничка“, во 17 и 30 ќе го посети селото Лескоец, а во 18 часот и 30 минути ќе оствари средба со жителите од селото „Велгошти“.

А.Р.