Предвремени парламентарни избори нема да има и владата тој став нема да го промени по средбите со претставници на меѓународната заедница, како што очекува опозицијата. Доколку, пак, таа навистина сака да си ја провери довербата кај народот треба да излезе на претстојните локални избори, па да видиме на која опција повеќе граѓаните и веруваат. Ова вечерва во Охрид го истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ и актуелен  премиер, на промоцијата на изборната програма на кандидатот за градоначалник д-р Никола Бакрачески, обвинувајќи го лидерот на СДСМ дека одработува туѓа агенда.

-Сега кога веќе Грција неможе понатаму да ја истурка својата агенда настапува Бранко. Тој одработува во вистинско време за да добиеме негативен извештај, бидејќи ако нема опозиција во парламентот политичкиот критериум нормално не може да биде позитивен и тогаш Европската комисија не може од Европскиот совет да побара на Македонија да и се даде датум за почеток на преговори. Зошто? Заради хирот на Бранко кој сака да одработи за грците и да ја спаси својата кариера. Слушам дека и денеска конкретно кажуваат неговите коалициони партнери, се уште си ги лаже, ги собрал и им кажал не се секирајте, утре меѓународната заедница ќе го притисне ВМРО ДПМНЕ и утре ќе сме кажеле ќе има предвремени парламентарни избори и дека прифаќаме. Јас не знам дали  човекот мисли дека може да ги вози и да ги шиша како овци неговите коалициони партнери, најверојатно во минатото такви работи  му успевале, меѓутоа си пробува да го направи тоа. Но јас ќе му порачам од овде дека ни утре ни задутре, ни во сабота ни во понеделник, ни потоа договор за предвремени избори со Бранко нема да има. –рече Груевски.

OhridNews