Европската Унија да и овозможи на Македонија почеток на преговорите за членство. Oва го побара Премиерот Никола Груевски од говорницата на 20. Конгрес на Европската народна партија што се одржува во Марсеј, Франција.

Тој во својот говор рече дека очекува рационално и исправно решение  од државите членки на ЕУ, кои в петок на состанок на Европскиот совет ќе расправаат дали ќе ја прифатат препораката на Европската комисија за одредување датум за почеток на преговори, или пак ќе го потврдат заклучокот на Министерскиот совет, кој пред два дена, препорача одлуката за Македонија да се одложи за идното Данско претседателство на ЕУ.

– Европа ќе продолжи да се движи напред и кога говориме за одењето напред треба да акцентираме дека катализатор на тој општ позитивен исчекор мора и треба да биде движењето напред на секој член на семејството на европски народи. Сметам дека е рационално и исправно на Европскиот совет да биде прифатена препораката на Европската комисија за определување датум за почеток на преговори. Тоа ќе значи разбирање за потребите и интересите на моите граѓани да имаат услови за понатамошен социо-економски развој, за нови реформи и модернизација и за создавање на нови дела базирани на европските вредности.-рече Груевски.

Конгресот на десничарските партии се одржува во очи клучниот состанок на Европската унија на кој треба да се донесат важни одлуки за иднината на еврозоната, но и на ЕУ во целина.
Политичката десница, како што се истакнува овде во Марсеј, е најголемата политичка сила на Стариот континент.

На состанокот на десничасрките партии присуствуваат францускиот претседател Никола Саркози, германската канцеларка Ангела Меркел, полскиот премиер Доналд Таск, земја која е актуелен претседавач со ЕУ, потоа Трајан Басеску од Романија, Жан Клод Јункер од Луксембург, Виктор Орбан од Унгарија, Бојко Борисов од Бугарија и други лидери на десничарски партии кои се на чело на националните влади, но и оние кои под товарот на економската криза неодамна отстапија од своите функции, како поранешниот италијански премиер Силвио Берлсукони. Најавено е и присуството на претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, претседалот на Европскиот парламент Јиржи Бузек и други.

OhridNews