Македонскиот премиер Никола Груевски,
коментирајќи ги одговорите на грчкиот премиер Лукас Пападемос и лидерот
на Нова Демократија Антонис Самарас на неговите писма, оцени дека тоа се
најрадикалните ставови на Грција што ги имала во сопствената историја
во однос на  спорот со името, пренесува „Макфакс“.

„Ставот што го соопшти премиерот и одбивањето на средба од страна на
Самарас се постапки кои укажуваат дека немаат намера да се занимаваат со
овој проблем.Тие одбегнуваат средби на секој начин и на секое можно
ниво“, рече Груевски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето
камен темелник на новиот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје.

Според премиерот, грчката страна не сака преговори и дека ако во
следниот период има и некакви средби, тие ќе бидат под притисок на
меѓународната заедница, во кои Грција ќе глуми преговори.

„Прилично сум загрижен за однесувањето на Грција и ваквиот начин на
однесување очигледно е со намера да не се дојде до некакви разговори.
Доколку во наредниот период под некаков притисок се почнат разговори,
според она што сега гледам како се однесуваат најверојатно тоа ќе биде
таканаречен блејмгејм, односно на секој начин ќе се обидат да прикажат
дека прават напори, но оти ние не сме благодарни за тие напори и не
одговараме соодветно“, рече Груевски.

Тој додаде дека и по донесувањето на одлуката на Меѓународниот суд за
правда во Хаг, Грција покажува дека не сака да го реши спорот.

Дали НАТО ќе покаже респект кон Меѓународниот суд во Хаг останува да
видиме во мај, на Самитот на Алијансата што ќе се одржи во Чикаго,
изјави Груевски.

OhridNews
извор:„,Макфакс“