
Позитивни тонови денеска во Истанбул од премиерите на Македонија и Грција. Папандреу во име на двајцата најави подготвеност за што поскоро решавање на спорот, а Груевски предупреди билатералните спорови да не се наметнуваат како критериум.
Во обраќањето на Самитот на процесот за соработка во Југоисточна Европа во Истанбул Груевски изјави:
– Ако билатералните проблеми и недоразбирања се наметнуваат како критериум, тоа, верувајте ќе создаде ситуација во регионот која ќе предизвика огромни проблеми. Статус – кво ситуација кон евроатлантските интеграции не носи добро за никого.
Грчкиот премиер Јоргос Папандреу пак, најави подготвеност за што побрзо решавање на спорот во свое и во име на македонскиот колега:
– Јас и Никола преземаме иницијативи и нови напори, за да го решиме ова многу важно прашање. Секако под покровителство и со медијација на Обединетите Нации, подготвени сме што поскоро, да го најдеме потребното, заеднички прифатливо решение. Наоѓањето решение не е потребно само поради билатералните односи, туку и за да се испрати силен сигнал за целиот регион-рече Папандреу.
Зачестените средби и најавата за нов состанок веќе за една недела оставаат простор за претпоставка дека е можно приближување на ставовите.Содржината на разговорите сепак сеуште не се открива пред јавноста.
Извор: Канал 5












