Вторник ќе почнат разговорите со СДСМ и мислам дека би требало да се има еден разумен пристап од двете страни и да се најде начин како да се затворат овие проблеми со кои се соочуваме, изјави во интервју за МРТ, премиерот Никола Груевски. 

Кога станува збор за интерес на државата, подготвен сум да разговарам за се. Не би сакал однапред да кажам што е прифатливо, што не е прифатливо. Не би сакал да ги загрозам со ова интервју тие разговори кои следуваат. Мислам дека во вторник ќе почнат разговорите и мислам дека би требало да се има еден разумен пристап од двете страни и да се најде начин како да се затворат овие проблеми со кои се соочуваме, а коишто дојдоа после некои неразумни одлуки на опозицијата. – изјави во дневникот на јавниот сервис Груевски.

Премиерот смета дека веројатно ќе има неколку средби, и додаде дека би бил изненаден ако на една средба се постигне успех да се затворат сите прашања.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, деновиве испорача пет барања за кои тој очекува да се разговара на лидерската средба. Тоа се формирање техничка влада, одвојувањето на партијата од државата, регулација на медиумите и правична застапеност на опозицијата на јавниот сервис МРТВ и на останатите медиуми, допрецизирања во изборното законодавство и посебно, јасно прецизирање на Избирачкиот список и спроведување Попис.

-Ова се прецизно темите за разговор што ги бара опозицијата. Без прифаќање на овие барања, коишто создаваат основен предуслов за фер избори, договор нема да има. Искуствата од договорите со Никола Груевски покажуваат дека тие практично не се реализираат. Затоа, нагласувам дека се што евентуално ќе се договори во иднина со Груевски, ќе се смета за договорено, само ако во неговото спроведување, целосно биде вклучена опозицијата, и за реализиацијата, гарант биде претставник на Европската унија. Треба да биде јасно дека кандидатите за пратеници на СДСМ и на коалициските партнери нема да се вратат во Парламентот. Оставките на пратениците се депонирани во Собранието. Тоа е доказ за непроменливиот став на опозицијата во врска со ова прашање.-изјави деновиве Заев.

OhridNews
извор:„МТВ“