-Вечерва сме собрани сите со иста цел, сплотени и обединети како никогаш до сега. Вечерва сме заедно и СДСМ и ВМРО и сите други партии, затоа што ова се историски избори за Струга и не знам дали повторно ќе се повтори ваква шанса.-истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски, на предизборниот митинг на коалицијата „За подобра Македонија“, што синоќа се одржа во Струга.

Тој рече дека 2005 година беше тешка за Струга, која гореше. Тогаш, додаде Груевски, имаше референдум на кој немаше доволна излезност, како и на локалните избори кои следеа потоа, затоа сега треба да се поправиме.
-Ние кои професионално се занимаваме со политиката го направивме нашиот максимум, се здруживме да помогнеме на Струга, да си помогнеме на сите заедно. Она што го очекувам од вас, од стружани, не само од оние кои што се партиски членови и активисти, уште повеќе од оние кои што не ги интересира до толку политиката, пред се се обраќам до нив. Ако може другата страна да носи луѓе со авиони и автобуси и ако може тие луѓе да поминуваат илјадници километри за да гласаат во Струга, можете вие да излезете од вашите домови 500 метри или 300 метри и да гласате за Владо Кочоски, но и да гласате за советничката листа која стои зад него и зад која стојат и ВМРО ДПМНЕ и СДСМ и другите партии. Можете да го направите тоа не толку заради нас, туку заради вас, заради Струга, заради вашата иднинина, заради вашите деца.-рече Груевски.
Тој посочи дека тоа е дотолку битно и заради одредени претензии јавно искажани од одредени кандидати за градоначалници.
-Гледаме деновиве еден од кандидатите за градоначалник на Кичево како објаснува зашто требало да се земе Кичево. Треба да му покажеме на него и на сите други дека ова е Македонија, дека Струга е Македонија, дека Кичево е Македонија и Македонија ќе остане.-истакна Груевски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ ги повика стружани да му ја дадат поддршката на д-р Владо Кочоски, кој, како што рече, е авторитетна личност, лекар – човек кој секогаш помагал на луѓето и кој ужива голем углед меѓу сите граѓани во Струга и струшко. Сега треба да му се помогне нему за тој да и помогне на Струга, порача Груевски.
-Имаме голема историска шанса на радикалите, на националистите , на оние кои што имаат сонови Македонија да ја гледаат како друга држава да им покажеме дека во оваа држава сите граѓани ја чувствуваат оваа земја како Македонија.-рече Груевски.
Тој истакна дека на претсојните избори на 24-ти март без никакви оправдувања треба сите да излезат на избори, 100 процентно.
-Сетете се само што се случуваше во изминатите 8 години во Струга и каква агенда спроведуваше актуелниот градоначалник. Не бешпе лесно да се соработува со тој човек, подбуцнуваше многу етнички проблеми и одбиваше инвестиции, тој си знае зошто.-рече Груевски.

Тој се осврна на реализираните инфраструктурни проекти во Струга и струшко, реконструкции на патишта, училишта, здравствени установи и најави многу други. Но за да се оствари тоа потребно е да се излезе на избори и да се гласа, истакна Груевски.
-Јас знам дека некои се и со право разочарани од политиката, но овде во Струга одамна ѓаволот ја однесе шегата. Затоа не е работата да се гласа заради партијата туку заради себе и иднината на градот и сите кои живеат тука. Или Струга ќе оди напред или ќе стои и ќе оди назад. Не ги казнувате ВМРО и СДСМ ако не излезете на 24-ти, себе си ќе се казните и ќе се лишите од голем број проекти како што се изградбата индустриско-технолошката зона, втора фаза од реконструкцијата на регионалните патишта и донесување урбанистички план за крајбрежјето за што е потребна поддршка од советот. Затоа гласајте за Ристе Чушкоски, претседател на СДСМ во Струга, за Никола Затуроски, за Перо Петкоски – претседател на ВМРО ДПМНЕ, за сите членови на оваа заедничка советничка листа, бидејќи без нив Владо Кочоски не ќе може да ги заврши работите.-подвлече Груевски.

Груевски вети изградба на ново пристаниште, етапна замена на водоводната мрежа, реконструкција на фекалната и изградба на атмосферската канализација, изградба на две катни гаражи, нова зграда за средното училиште „Нико Нестор“, седум училишни спортски сали, реконструкција на градскиот плоштад и пазар и друго.

Пред присутните на митингот кој се одржа по врнежливо време се обрати и кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, д-р Владо Кочоски, кој вети дека со поддршка на граѓаните Струга ќе биде вратена на стружани.
Тој изрази увереност дека на овие избори граѓаните од Струга и струшко ќе застанат зад неговата програма коај ќе го смени анемичниот лик на градот и ќе поттикне реализација на 97 проекти и привлекување на инвестиции.
-На 24 март сите граѓани на нашиот град масовно ќе не подржат нас и оваа програма. Струга не може и не смее повеќе да оди по овиој пат. Не смее да ја гледаме повеќе како град кој ја губи својата душа и го губи својот лик. Оваа програма на Струга и нуди развој и иднина. Стружани ќе го поддржат проектот за отворање на индустриско технолошката развојна зона која ќе отвори 2000 работни места, најави д-р Кочоски.
Тој вети одговорно и чесно работење и грижа за обрзованието, здравството и спортот, како и средување на урбанистичкиот хаос.











