Успешна политичка и економска година констатирале коалиционите партнери од „Коалицијата за подобра Македонија“, на денешната традиционална, годишна, средба оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Коалиционите партнери разговарале и за бојкотот од страна на СДСМ на парламентот, при што процениле дека со бојкотот СДСМ прави единствено штета на државата и штета на себеси.
„Меѓутоа, СДСМ нема меѓународна поддршка за ова што го прави, ниту за бојкотот, ниту за било што што е деструктивна политика. И додека ние водиме политика со која сакаме да придонесеме за државата да се отворат повеќе работни места, да се донесат повеќе инвеститори, да се решат повеќе проблеми, тие се закопани во ровови со деструктивна политика, бојкот, деструктивна политика на некакви црни сценарија, клевети и друго. Тоа не е добро за земјата, туку добро би било да имаме здрава опозиција која ќе нуди алтернативни решенија на реална основа, добро пресметани, добро обмислени за кои што ќе може здраво да се дискутира“, рече Груевски.
Тој нагласи дека, заради кочењето од нашиот јужен сосед, сè уште не се во можност да ги остварат стратешките планови за члество во Европската Унија и во НАТО и на тоа поле планираат да бидат упорни и да го чекаат моментот подготвени кога тоа ќе може да се оствари.
„Не можам да речам дека има конкретни најави, туку има надеж дека Грција ќе најде сила во даден момент да се надмине ова прашање. Ние тоа го посакуваме, работиме на тоа, во сите наши средби кога имаме меѓународни средби. Бараме да се вклучат и други заинтересирани да помогнат. Никој не го оправдува тоа што го прави Грција, но за жал, пак, имаат разбирање оти имаат други проблеми, финансиско економски кои можат да се прелеат во други земји во еврозоната, стабилноста на еврото. Правиме сè што е во наша моќ и се надеваме дека во иднина ќе има некое поместување, но не можеме да го потврдиме тоа, бидејќи многу малку зависи од нас, во најголем дел зависи од нашиот јужен сосед“, рече Груевски.
Тој е задоволен од претходната година затоа што како коалиција оствариле една од најголемите победи, победа со најголем број гласови.
OhridNews
Извор „Макфакс“