Само алиби за сопствениот пораз се реакциите на опозицијата дека во Изборниот закон не се вметнати препораките од ОБСЕ и ОДИХР, смета премиерот Никола Груевски.

„Ова што се случува од опозициските партии е алиби за нивниот пораз што следува. Црвенковски е свесен дека ќе загуби на овие локални избори и дека потоа ќе треба да најде некакво оправдување за да остане на функцијата претседател на СДСМ и однапред најавува дека ќе има некакви нерегуларни избори за да може потоа да каже дека тие биле причината што тој ги загубил изборите, а  не затоа што нема поддршка од граѓаните поради политиките што ги води СДСМ и самиот тој“, изјави Груевски.

Премиерот уверува дека во Изборниот закон се пресликани сите препораки значајни за локалните избори и дека измените се направени откако претходно подолг период за нив е разговарано со претставници на Европската комисија.

Законот, како што рече Груевски, бил доставен пред Европската комисија да го објави Извештајот за напредокот на Република Македонија.

„Внесени се сите важни работи кои се значајни за следните локални избори и доколку по нив има нови идеи за подобрување на овој Закон, а особено доколку тоа дојде од Европската комисија, преку дискусија и дебата ќе ги разгледаме со можност да ги усвоиме“, рече Груевски.

Најави дека ако се процени дека има потреба, ќе се организира средба на лидерите на политичките партии.

OhridNews
извор:„Макфакс“