Праксата на Грција да го крши меѓународното право и преземените обврски го руши кредибилитетот на ЕУ, смета Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.
Тој вчера, во Брисел пред шефовите на држави и влади, лидери на политичките партии членки на Европската народна партија ги изнесе позициите на земјата во однос на заклучоците околу проширувањето на Европската Унија.
-Ние го цениме фактот што напредокот на Македонија е препознаен во оценката, но сме разочарани што повторно не е постигната одлука за започнување на добро заслужените пристапни преговори со Македонија. Ова е јасно испуштена можност за значителен придонес кон постабилен и попросперитетен Балкан.-вели Груевски
Тој изрази благодарност до земјите-членки и институции на Европската Унија кои напорно работеа кон постигнување на напредок во досието на европската интеграцијата, посочувајќи дека Македонија нема да ги разочара и двојно ќе ги зголеми напорите со реформи и дијалог.
-Не е првпат да се соочиме со блокада. Нашиот јужен сосед претпочита практика на непочитување на меѓународното право и не ги почитува преземените обврски. Тоа е предизвик за кредибилитетот на проширувањето на ЕУ. Нашиот одговор е вистински европски. Ние ќе продолжиме со реформите, ќе вложиме максимални напори за ширење на мирот, довербата и стабилноста во Југоисточна Европа. Верувам дека ова ќе биде вреднувано повеќе отколку што ќе биде привлечно практикувањето на блокади.-истакна премиерот Груевски.