Премиерот на Република Македонија Никола Груевски, деновиве ќе отпатува во САД, каде ќе се сретне со американскиот потпретседател Џо Бајден и помошник државен секретар за европски и евроазиски работи Викторија Нуланд. Ова денеска во Охрид го потврди премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање дали е точно дека ќе патува за САД и ќе се сретне со високиот државен функционер Викторија Нуланд.

-Можам да потврдам дека ќе патувам во Америка. Задоволство ми е што ќе можам да ги посетам САД.-одговори кусо Груевски.

Македонската информативна агенција МИА денеска објави дека македонскиот премиер ќе отпатува за САД во понеделник и дека ќе има . Средбата доаѓа во чувствителен момент за Македонија, кога согласно Договорот од Пржино за надминување на политичката криза на 15 јануари треба да се формира техничка влада, а премиерот да се повлече од функцијата. Во информацијата што ја пренесува МИА, пак, стои дека на средбата со американските високи државни претставници Груевски ќе разговара за продлабочување на меѓусебните односи и соработката, реформите во Македонија и демократските процеси, зголемувањето на економската соработка и трговските односи, безбедносни прашања и интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.

Според најавите идната недела во Македонија треба да допатува еврокомесарот Јоханес Хан, со кој исто така средба треба да има премиерот Груевски. Одговарајќи на новинарско прашање дали можеби на средбата ќе стане збор за евентуално пролонгирање на рокот за предвремените парламентарни избори најавени за 24 април, Груевски кусо одговори дека за детаљите од средбата ќе ја запознае јавноста по нејзиното одржување.

Г.Момироски