До февруари следната година ќе биде исплатен целокупниот долг на државата кон стопанството, најави премиерот Никола Груевски, во обраќањето пред бизнис заедницата на стопанските комори.

Тој најави дека од утре доцнењата во повратот на ДДВ и плаќањето на фактурите постапно ќе се намалуваат со цел до крајот на февруари 2013 – та овој проблем да се надмине.

Премиерот посочи дека се обезбедени средства за реализација на даденото ветување, најавувајќи дека втора цел ќе биде во иднина да не дојде до повторување на проблемот.

Нема да има зголемување на даноците

Македонија ќе продолжи со политиката на понатамошно одржување на ниски стапки на даноци и
придонеси, истакна пред стопанствениците премиерот Груевски.

 – Во тој контекс ќе го одржиме ветувањето дадено на
бизнисмените и на граѓаните. Владата нема да зголеми ниту еден денар
данок во Република Македонија, изјави Груевски.

Во 2013 пензиите ќе се зголемат за околу 7 отсто

Владата ќе го реализира ветувањето за зголемување на пензиите и социјалните помошти за 5 отсто почнувајќи од март следната година, додека зголемувањето на платите во јавната администрација ќе биде одложено за една година, најави премиерот Груевски.

– Пензиите ќе пораснат и за околу 2 отсто заради законските усогласувања со растот на трошоците што заедно ќе биде околу 7 процентно зголемување, рече Груевски.

Тој истакна дека во 2013 година владата нема да дозволи ниту масовни отпуштања од администрацијата заради заштеди во буџетот, ниту намалување на платите.

OhridNews