Мандатарот Никола Груевски денеска пред пратениците ја образложи програмата за работа на владата во наредните четири години, при тоа истакнувајќи дека тоа е програма која ќе им овозможи подобра иднина на граѓаните, а за новата влада рече дека тоа е спој на младост и искуство, пренесува „Макфакс“.

Според него, патот до успехот не е едноставен и не е лесен, но дека е достижен.

„Сето она што го правиме за Македонија, за подобра иднина, тоа е нашата обврска што ја прифаќаме. Поддршката што ја добивме и по третпат од граѓаните е мотив да продолжиме по патот кој го зацртавме и да продолжиме со континуитетот со кој започнавме“, рече Груевски.

Потсетувајќи се на изминатиот период, тој рече дека деноноќната работа на владата донела помрднување од сивилото во кое ја затекнале државата и упати благодарност на целиот тим за постигнувањето на досегашните резултати.

Како главни приоритети на владата за наредните четири години ги наведе зголемувањето на економскиот раст и вработеноста, како предуслов на животниот стандард на граѓаните и за подобар и поквалитетен живот.

Тој најави и интеграција на земјата во Европската унија(ЕУ) и НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото преку длабоки реформи во судството и јавната администрација. Во експозето спомна и за одржување на добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување и спроведување на Охридскиот рамковен договор, како и инвестирање во образованието, науката и информатичката технологија, како елементи на општество базирано на знаење.

Осврнувајќи се на спорот со името, Груевски рече дека владата нема да прифати промена на уставното име и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет.

„Владата нема да прифати промена на уставното име на Република Македонија и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Нема да дозволиме било кое решение за спорот кој го наметна Грција да биде прифатено без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани кои ќе излезат на референдум, а при тоа мнозинството од граѓаните кои ќе се изјаснат на тој референдум се согласни со можното решение“, рече Груевски.

Обраќајќи им се на идните министри во владата, рече дека од нив бара да работат чесно, посветено, транспарентно и одговорно и изрази уверување дека граѓаните ќе имаат подобра иднина без разлика, како што рече, на сите предизвици и проблеми.

За опозицијата новиот владин состав ќе гарантира  скандали и афери

Се направија срамни трампи за коалиција. Стилот купи-продај ќе продолжи и во следниот период, а жртви ќе бидат и Македонците и Албанците. Скандали и афери, само тоа ќе гарантира овој владин состав. Вака координаторот на пратеничката група на СДСМ, Игор Ивановски го оквалификува новиот владин состав и програмата.

„ Предлог е веќе видено и претставува измама на сите оние 440 000 граѓани што му ја дадоа довербата на Груевски за да измени нешто, но тој повторно ги измами. Груевски трампаше фотелји за јазик, министерски места и позиции за знаме, тендери и пари за амнестирање на злосторници и убијци на македонските граѓани“, рече Ивановски.

На говорот на Ивановски реплицираше Талат Џафери од ДУИ кој рече дека Албанците не се пазареле со своите национални интереси.„Престанете да си играте со чувствителни теми за политички поени, албанците не се пазарат со националните симболи“, истакна Џафери.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека на Македонија и е потребна стабилна, решителна, чесна, сериозна, реформски ориентирана влада која се докажала и во потешки и во тешки времиња.

„Тие луѓе се решителни, стабилни, докажани, проверени, како политичари и како личности. Тие се реформи ориентирани и проевропски. Тие луѓе се денес пред нас. Тие ја заслужуваат и политичката и граѓанската и човечката доверба и поддршка од македонското Собрание за да раководат со Република Македонија“, рече Милошоски.

Овој состав според него  ја заслужува довербата заради постигнатото и решеноста да се постигне уште повеќе во рамките на евроатланските интеграции на земјава како еден од врвните приоритети на државата.

„Досега имаме добри докази за таа решителност. Два последователни позитивни извештаи за прв пат добива Македонија под водство на премиерот Никола Груевски. Тие се показател дека Македонија напредува, се реформира, има капацитет, спремност и решителност да ги отпочне преговорите со ЕУ. Визната либерализација е уште еден доказ дека владата е компетентна и знае кој е приоритет на нашата држава. Уверен сум дека со ваква програма во 2011 Македонија ќе добие уште еден позитивен извештај од ЕК, во кој ќе биде потврдена препораката за подготвеност РМ да ги отпочне преговорите за членство во ЕУ“, потенцираше Милошоски.

Според најавите од Кабинетот на претседателот на Собранието денеска седницата се очекува да заврши околу 20 часот. Седницата за избор на новата влада ќе продолжи утре во 11 часот, а треба да заврши најдоцна до полноќ со избор на нова Влада.

OhridNews
извор:„Макфакс“