Народот на Македонија, на сите ќе им покаже кој е кој во оваа држава, односно чија е оваа држава, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во обраќањето на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, јавува „Макфакс“.

„Тоа е ден кога овој народ, народот на Македонија, на сите ќе им покаже кој е кој во оваа држава, односно чија е оваа држава. Во април, народот на Макеоднија ќе си ја врати делумно одземената власт, и преку масовното гласање на изборите ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери и ќе испрати неколку пораки“, рече Груевски.

Тој нагласи дека народот на Македонија уште еднаш покажал дека има капацитет за државност.

Обраќај се на собирот, Груевски истакна дека не може опозицијата да ги има во свои раце двете институции кои по закон и Устав се единствени кои ги организираат изборите во државата, тоа се МВР и ДИК, и притоа да го прави народот будала дека не може да се организираат фер и демократски избори.

„Не може да има понуда од власта кон опозицијата, од типот бирајте кој закон за медиуми од било која земја од ЕУ го сакате, ако овој не ви чини, и истовремено тие на народот да му образложуваат дека заради медиумите морало да ги одложат изборите“, рече Груевски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ додаде сека дека опозициската СДСМ плука на сè што направила власта.

„Не велам дека и ние немаме слабости, дека немаме грешки и пропусти, не сме ни ангели ни идеални, а најмалку безгрешни, луѓе сме, ама ако некој од другата страна и најдобрите наши работи, реформи, проекти, дела, субвенции, итн ги исплука и ги прогласи за стратешки грешки, криминални, промашувања, и слично, тогаш мора да е толку глупав да верува дека народот е глупав и ќе му поверува“, рече Груевски.

На говорот на Груевски реагираше опозоциската СДСМ, според која не може криминалец и докажан измамник да биде премиер

-Никола Груевски си призна на самиот себе си: не може криминалец и докажан измамник да биде премиер. Затоа Груевски не е премиер и затоа нема да биде никогаш повеќе. За тоа колкав е стравот кај Груевски од соочување со одговорноста за криминалот, провизиите и матните зделки за лично богатење на фамилијата покажува денешното негово повторно враќање на измислените „странски служби. – велат од СДСМ.

Според опозциската партија Груевски зборувал половина час, но ништо не кажал за жените, за нивната положба во Македонија, за нивните права.

OhridNews
извор:„Макфакс“