Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, НИкола Груевски, вели дека за сега не се враќа на премиерската позиција бидејќи не сака да оставам впечаток дека потезите што ги влече се само во правец да постигне некоја лична цел или позиција.

„Сакам да покажам и дека може да се функционира и поинаку“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто за „Телеграф“, пренесува „Макфакс“.

„За мене интересите на Македонија се на прво место. Се согласив на несвојствен договор за мнозинството од европските земји, 100 дена пред избори да се повлечам од позицијата претседател на Влада. Јас зборот го одржав, и мојата обврска џентлменски ја испочитував. За жал, другите страни, пред сè СДСМ, не ги испочитува своите обврски и избега од избори“, додава Груевски.

Смета дека на овој начин, малку повеќе ќе се посвети на партиските активности и подобро ќе ја подготви партијата за следните избори.

„Освежување во Владата во редовите на ВМРО-ДПМНЕ има смисла ако изборите не се случат за брзо време. Ако оние што ќе дојдат имаат доволно време да се покажат и да се претстават пред да дојдат изборите. Ако изборите се за брзо време, тогаш освежувањето ќе биде по изборите. Ќе видиме. Имаме ситуација кога СДСМ вели дека сака брзи избори, а всушност не сака брзи избори бидејќи знае дека ќе ги загуби“, вели Груевски.

Груевски вели дека тие се за инклузивност и сакаат опозицијата да е вклучена во сите поважни процеси. „Сепак, се покажа во последниот обид, кога ги внесовме во Владата, дека тие тоа го злоупотребија. Наместо да работат заеднички со нас, кон заедничките цели за земјата, наместо нивните претставници да покажат уште поголем интерес за решавањето на проблемите на граѓаните и спроведување проекти корисни за народот и за државата, наместо ова да го видат како шанса да се истакнат со работа и со резултати, нивните претставници во Владата ги злоупотребија позициите до максимум за кочење на процесите, реформите, подготовките за избори и сè што можеше да се закочи, се закочи“, додава Груевски, кој вели дека на 100 дена пред изборите ќе им ги овозможат сите привилегии согласно Пржинскиот договор.

„Целта на тој договор и закон беше да се чувствуваат покомотно во изборниот процес, во смисла дека имаат увид на изборните процесите одблиску. Но погледнете каква лакрдија направија од сето тоа, каква дисфункционална влада направија. Сè закочија и на крајот и ги користеа институциите за да ја спречуваат подготовката на изборите, со цел да се задоцни и да се одложат. Тоа главно го правеа преку МВР, чиј министер правеше максимум да ја закочи работата на ДИК“, потенцира Груевски.

Лидерот на владејачката партија објаснува дека до избори, приоритет на ВМРО-ДПМНЕ останува земјата да влезе во НАТО и во ЕУ и да ги надмине сите препреки. Вели дека е задоволен од претставувањето на македонија, надвор, особено од министерот за надворешни работи Никола Попоски.

„Сепак, потребно е сите во Владата и сите политички партии да придонесат уште повеќе за подобрувањето и унапредувањето на имиџот на Македонија надвор“, вели Груевски.

На прашањето дали се точни шпекулациите дека нудел аболицираните да се спасат со тоа што нема да бидат повеќе во политика, дека се согласил за федерализација на земјата, и дека се согласил за прифаќање на грчките ставови за името, Груевски вели дека ништо од наведеното не е точно.

OhridNews