Нека овој 8-ми Септември ни даде сила да продолжиме, нека овој ден не потсетува на предизвиците кои сме ги надминале и нека овој ден вечно ги потхранува визијата и стремежот за подобра Македонија, порачува премиерот Никола Груевски во честитката упатена до граѓаните по повод Денот на независноста на Македонија, 8-ми Септември.
„Во минатото имавме предизвици од кои излеговме посилни, поминавме низ позитивни и негативни процеси, но заедно ја исправивме Република Македонија во самостоен и независен државен субјект. Превземајќи ја целосно одговорноста за сопствената судбина, во изминативе 22 години докажавме дека имаме капацитет да изградиме здраво, демократско и просперитетно општество.Деновиве го величаме овој ден и им благодариме на сите оние кои кога беше најпотребно беа најхрабри и помогнаа Македонија да чекори кон посветла иднина.Почитувани, нека овој 8-ми Септември ни даде сила да продолжиме, нека овој ден не потсетува на предизвиците кои сме ги надминале и нека овој ден вечно ги потхранува визијата и стремежот за подобра Македонија. Таквата историска визија и стремеж за сите нас се современо и модерно општество, држава на благосостојба, хармонија и разбирање, членство во меѓународните организации кон кои сме насочени, економски напредна и силна Република Македонија.
Нека 8-ми Септември вечно се памети и секоја година се прославува со уште поголема радост, гордост и љубов“ се вели во честитката.
OhridNews
извор:„Макфакс“