Петкратното убиство што се случи кај езерото Смилковци  тектонски ја  измести безбедноста на државата и луѓето сé повеќе се затвораат во своите домови. Ваков став изнесе опозицијата во Собранието на денешната седница посветена за пратенички прашања, на која пратеникот на СДСМ, Игор Ивановски побара од премиерот Никола Груевски да ја смени министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, пренесува „Макфакс“.

„Како е возможно никој од Управата за безбедност и контраразузнавање, којашто ја води вашиот најблизок човек, да нема информации за овие страшни криминални активности, за ова страшно петкратно убиство? Како е возможно Агенцијата за разузнавање, која е исто така под ваша контрола поради поданичкиот однос на претседателот Ѓорге Иванов,  да нема никакви информации. Пред само две седмици без објаснување беше сменет директорот на Агенцијата за разузнавање. Како е возможно партиските луѓе во јавната безбедност да дозволуваат вакви безбедносни киксови. Дали по сé што се случи, ќе ја смените министерката Јанкулоска“, праша пратеникот на опозицискиот СДСМ, Игор Ивановски.

Премиерот Груевски изрази сочувство до семејствата на убиените и повтори дека Министерството за внатрешни работи со сите свои сили и со целиот капацитет деноноќно работи на расветлување на овој случај.

По неколку минути објаснување, премиерот директно и категорично одговори дека е задоволен од работата на Јанкулоска и дека нема да ја смени.

„МВР со сите свои сили и со целиот свој капацитет деноноќно работи на расветлување на овој случај. Вчера имав можност да бидам во МВР, досега никогаш не сум видел таква висока мотивираност за што побрзо да се најде сторителот на ова дело и да се изнесе пред судот. Јас верувам дека овие луѓе ќе успеат да ги најдат сторителите и да ги изведат пред правдата. Оваа структура на Министерството за внатрешни работи со сите нејзини слабости и пропусти, коишто сите живи луѓе ги имаат, е неспоредливо попрофесионална од службите на  коишто  вие им дадовте довербата кога бевте на власт. Ќе ви одговорам директно – не, нема да ја сменам министерката и нема да дозволиме да се вратат времињата кога криминалот цутеше“, изјави премиерот Никола Груевски.

За петкратното убиство зборуваше и пратеникот на Санџачката лига, Сафет Бишевац, кој, исто така, побара одговорност од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Тој го спомена и црвениот „опел“ којшто е еден од клучните докази во истрагата и рече дека дел од медиумите објавиле дека „опелот“ бил виден и претходно во тој регион. Според него, тоа би можеле да го направат луѓе кои мислат дека се над законот, дека такви луѓе постојат, како оние во Виница и Кочани кои со години го тероризирале тамошното население.

Министерката Гордана Јанкулоска уште еднаш повтори дека убиството е грозоморен чин и дека сторителите ќе ги стигне казната неминовно и рече дека и покрај тоа што имаат информации, не можат да ги споделат со јавноста, не затоа шт не сакаат туку заради тоа што нивен приоритет е истрагата. Информациите на Бишевац и нарече извртување на вистината.

„Не исклучуваме ниту едно сценарија, ниту една опција, меѓутоа мора да бидеме внимателни и трпеливи мораме да внимавнеа да не зборува од онолку колку што е неопходно бидејќидо нив може да дојдат до сторителите кои за жал се уште се на слобода и може да значи нивно успешно бегање од правдата. Г-дине Бишевац барем во делот на информираање, верувам дека успеавте да забележите дека првата информација дојде токму од Министерството за внатрешни работи во текот на критичниот ден во неколку наврати имавме и прес-конференции а јас на самиот ден пред да заврши увидот ја информирав јавноста за оние информации“, реле Јанкулоска.

Опозицијата го критикуваше Министерството за внатрешни работи и за акцијата „Детонатор“, којашто според нив била борба за превласт во владејачката партија, односно борба меѓу агенции за безбедност, а едната од нив, како што рекоа, била на директорот на УБК, Сашо Мијалков.

„Полицијата на една половина на теритотијата на државата не ги штителе граѓаните и не ги гонела криминалците,  туку сама го организирала криминалот и тоа ги правела цели шест години луѓето на минситерката. Како е возможно овие шест години да влезат повеќе од илјади покер апарати од странство небаре се чепкалки за заби“, рече Ивановски и праша зошто за ова немаат одговорност министерот за финансии и царина, како и директорот на Управата за јавни приходи.

Според Груевски, додека СДСМ биле  власт не се апселе криминалци и граѓаните не можат да се сетат на ниедна слична акција од тој период.

„Немојте да кажете дека тогаш немаше криминал, но властите го толерираа криминалот и соработуваа со криминалот“, заклучи  Груевски.

OhridNews
извор: „Макфакс“