Политичкиот прогон против мене и против многумина од ВМРО-ДПМНЕ продолжува, се огласи на Фејсбук поранешниот премиер Никола Груевски, кој е главен осомничен за организација на настаните од 27 април во македонското Собрание, кога толпата демонстранти упадна внатре и физички нападна пратеници, непосредно по изборот на Талат Џафери за нов претседател на парламентот.

Ниту сум организирал, ниту сум дал согласност некој да организира насилен упад во Парламентот и физичка пресметка со пратеници. Напротив, прв од сите политичари веднаш штом дознав побарав смирување на состојбата преку социјалните мрежи бидејќи тој и претходниот ден бев на пат во Виена.

Ги повикувам од ОЈО да ги објават јавно доказите против мене.

Да ги видиме матерјалните докази или какви и да има докази, па макар и некој лажен, нерелевантен или уценет сведок или загрозен осомничен или обвинет во некој случај.

Многу би сакал да ги видам доказите за нешто што не само што не сум го сторил, туку гледајќи како власта го иритира народот, сум стравувал некој друг во такви околности да не го стори тоа, а целата вина и целата негатива да падне на грбот на ВМРО и нејзините членови и функционери. – напиша Груевски.

Покрај Груевски, кој е во бегство во Унгарија, Јавното обвинителство за случувањата на 27 април 2017г. во собранието, ги сомничи уште и високите партиски и државни функционери на ВМРО ДПМНЕ Трајко Велјаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. На Јанакиески и Ристовски одредена им е мерка притвор, а за поранешниот претседател на парламентот Велјаноски покрената е постапка за одземање на пратеничкиот имунитет.

OhridNews