Лидерот на владејачката ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски вели дека не е изненаден од потегот на СДСМ, која ја промовираше Радмила Шеќеринска во иден кандидат за премиер доколку партијата победи на претстојните избори. Во изјавата дадена во Охрид Груевски истакна дека тоа е уште еден вешт маневар на Црвенковски за да го покрие поразот на изборите.
– Бранко Црвенковски и Радмила Шеќеринска се блиски соработници и на некој начин се лице и опачина во изминатите 19 години. Тие имаа постојана и константна соработка во овој период и веројатно заедно и ќе ја завршат кариерата на следните парламентарни избори. Радмила Шешеринска својата кариера во овие 19 години практично ја градеше на еуформична поддршка и слепо следење на политиките на Бранко Цррвенковски, кои што јас би ги нарекол погубни за Република Македонија и веројатно ова е некаква награда за неа, но тие политики направија многу штета за развојот на државата и граѓаните. Така што доколку ова претставуваше изненадувањето на СДСМ кое се најавуваше, нема никакво изненадување. Личноста која што 19 години слепо го следи и слуша Бранко Црвенковски тој сега ја става за своја марионета за следните избори, која што ќе треба да го покрие неговиот пораз, односно да ја преземе одговорноста за тоа.-рече Груевски.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ информираше дека партијата интензивно работи на изборната програма, која, како што најави, ќе биде претставена наскоро. Запрашан кои ќе бидат адути на партијата во 5-та Изборна единица Груевски одбегна да даде попрецизен одговор, посочувајќи дека имињата на пратениците кои ќе ја трчаат изборната трка во охридско-битолскиот регион ќе бидат објавени кога ќе бидат дефинирани.
OhridNews