Премиерот Никола Груевски побара поголемо внимание од Европската Унија со цел надминување на долгогодишниот спор за името со Грција.

Обраќајќи се синоќа на самитот „Нова декада на Југоисточна Европа – завршување на процесот на транзиција“ во Дубровник, Груевски посочи дека Македонија е за решение што нема да го загрози националниот, јазичниот и културниот идентитет, пренесува „Макфакс“.

„Значаен дел од процесот на евроинтеграции е затворањето на отворените билатерални прашања по примерот на Словенија и Хрватска. Во тој контекст Македонија очекува ЕУ да посвети поголемо внимание не на рационалниот, туку на емоционалниот аспект на проблемот со нашиот јужен сосед поврзан со нашето уставно име, што сигурно ќе доведе до успешно затворање на проблемот. Ќе продолжиме да бидеме активни за да се најде прагматично решение на спорот кое ќе се базира на принципите на незагрозување на националниот идентитет и почитување на различностите што не се само наши, туку се и основни вредности на ЕУ. Кога зборуваме за решенија кои нема да го загрозат националниот, јазичниот и културниот идентитет на било која нација ние сме водени од принципиелни аспекти“, рече Груевски.

Самитот во Дубровник продолжува и денеска. Од Европската Комисија е најавено и учеството на Комесарот за проширување, Штефан Фуле.

OhridNews
извор: „Макфакс“