Плаќањето по учинок е клучна реформа во здравството и таа ќе опстане, изјави денеска премиерот Никола Груевски, пренесува „Макфакс“.

Порача дека се работи за долго подготвуван и добро осмислен проект, кој е насочен да им помогне на лекарите кои посветено ја вршат работата.

„Доколку има било какви проблеми со бодувањата подготвени сме да разговараме за тоа, меѓутоа што се однесува до опстојувањето на овој систем, односно до барањето тој да се поништи, за такво нешто не сме подготвени да разговараме затоа што ова е проект што долго го подготвувавме и го ветивме во нашата програма пред граѓаните“, изјави премиерот Груевски.

„Помала група лекари очигледно политички мотивирани го користат проектот за дисквалификација на владината политика во здравството заборавајќи дека токму оваа влада е онаа што најмногу направи за здравството. Ниту една влада досега не вложила толку инвестиции во здравството како што се набавката на опрема, реконструкцијата на болниците, градбата на нови болници, обуките за лекарите и редица други проекти со кои направивме сериозен пресврт во здравството“, рече Груевски.

OhridNews