Остануваме за дијалог во институциите, дијалог со кој што опозициската СДСМ ќе се врати во Парламентот, каде ќе разговараме за сите прашања за кои што сакаат да разговараме и да се најдат решенија да се излезе од оваа ситуација во која на 24 декември и во деновите претходно ја доведоа Македонија, ситуација која не е добра за имиџот на државата. Изјави денеска премиерот Никола Груевски коментирајќи ги последните политички случувања, како и тоа дали е можен дијалог со опозицијата.

– Ние сме целосно подготвени на следните локални избори да има целосен мониторинг од ОБСЕ, ОДИХР, онолку засилен колку што ќе посакаат од СДСМ и ќе се согласат од ОБСЕ и ОДИХР. Целосно сме подготвени доколку се уште сметаат дека има нешто недовршено во избирачките листи тоа да се заврши и да се комплетира за да нема каков било сомнеж дека на некој начин се сака да се направи нешто што е неетички и незаконски, измама или слично. Тука немаме ниту за секунда такво размислување и затоа оставаме целосно отворена можност во тој дел и се разбира се друго што е легитимно и реално и што е нормално да се побара и да се прифати ние сме подготвени, рече премиерот.

Тој нагласи дека се она што практично е услов заради услов или заради неприфаќање со кое всушност, како што рече, сакаат само да издадат алиби за она што го прават и за остварување на нивните цели – предвремени парламентарни избори.

– Станува јасно дека сето тоа е дел од сценариото на Бранко Црвенковски со кое тој сака да ја спаси својата политичка кариера внатре во партијата. Затоа што знаеме што се се случува таму, истакна премиерот Груевски.

Според него, во СДСМ се издифиренцирани две групи. Една која, како што рече, сфаќа дека загазија длабоко во кал и не знаат како да излезат од целата ситуација, која интимно не го поддржува ова што го прави Бранко Црвенковски и гледаат дека ги води во ќорсокак, во ситуација на штета на државата и сериозна штета на партијата.

Втората група, додаде Груевски, се неговите најтесни приврзаници кои по секоја цена, свесни за тоа дека без доминантната улога на Црвенковски во таа партија нема да можат самите тие да просперираат, и слепо ги следат неговите инструкции и засега таа група очигледно дека е подоминантна.