„Сега е вистинското време за обединување. Да оставиме на страна се’ освен единствениот приоритет, а тоа е Македонија“.-истакна премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на промоцијата на кандидатот за градоначалник на Општина Струга, Д-р Владо Кочовски.

-Кога се споменува Струга, нема простор за теми за Бранко, за Љубчо, за Никола, нема простор за СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДОМ, или некоја трета партија. Нема простор за кавги и поделби. – рече Груевски.

Тој ги повика граѓаните на Струга, без разлика на нивната етничка припадност, без разлика дали се од ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, да го изберат најдоброто решение. Да го изберат Д-р Владо Кочоски , човекот кој, како што рече, според сите истражувања на јавното мислење и анкети, важи за човек со многу висока доверба, со многу висок авторитет и кредибилитет, кој важи за работлив и човек кој исполнува се што е потребно да биде избран за градоначаник на Струга.

-Сега е време да се обединиме да постигнеме заеднички нови трајни дела од корист на народот, со заеднички сили и ние од ВМРО и од СДСМ  и македонците и албанците и турците и ромите и власите и бошњаците и сите останати и христијаните и муслиманите да го дадеме својот глас за нови дела, истакна Груевски, најавувајќи дека заедно со него владата ќе помогне да се реализираат многу инфраструктурни проекти во Струга, која ќе биде дел од проектот „Македонија 2017“ кој предвидува секој град да добие нов модерен и урбан лик.

Пред присутните на конвенцијата што се одржа во Центарот за култура, се обрати и кандидатот за градоначалник на Струга Д-р Владо Кочоски. Тој ја презентираше изборната програма со која ќе настапи на претстојните локални избори.

-Во овие избори влегувам со визија за промена на сегашниот анемичен лик на Струга која тивко одумира,  за изградба на една пинаква Струга како место во кое секој без разлика на разликите ќе може да живее достоинствено.-рече Д-р Кочоски.
За да се оствари тоа потребна е храброст и одлучност, со цел да создадеме просперитетна и праведна општина во која секој граѓанин ќе може да има пристоен живот.

Како приоритети тој ги наведе развојот на туризмот, земјоделието, сточарството… Вети создавање услови за отворање на индустриско развојната зона која ќе отвори 2000 работни места. Кочоски најави реализација на кампања за потикнување на иселениците да инвестираат во својот крај, модернизација и реконструкција на градскиот пазар, изградба на катни гаражи, пристаниште, марина, реконструкција на градскиот плоштад, мини спортски центар….

-Сите проекти во програмата имаат конкретни цели и рокови така што граѓаните точно ќе знаат што ќе реализираме во мандатот за кој ми даваат доверба.-додаде Д-р Кочоски.

На конвенцијата свое обраќање имаше и носителот на кандидатската листа на ВМРО ДПМНЕ за Струга, Никола Затуроски, кој повика на обединување на сите граѓани, со цел, како што рече, Струга да се врати на стружани.

OhridNews