Сепак, истакна Груевски, пред Македонија како голема пречка останува спорот кој пред 23 години го отвори Грција, која ја блокира земјава на патот кон Европската унија и НАТО.
– Сме говореле досега многу за тоа колку е се тоа неправедно, и колку е се нелогично и апсурдно. Но, мора да се спомене денес дека разговорите со Грција се во една доста сложена фаза, односно во еден ќор сокак, во кој единствена детерминанта и цел е купувањето време. Одбивањето разговори и средби, неможноста на медијаторот да закаже елементарен состанок кај една од страните е само показател за состојбата во која се наоѓаме, посочи претседателот на Владата.
Груевски уште еднаш повика на дијалог .
– Ајде да седнеме и да разговараме. Еве уште еднаш ја користам приликата на овој наш голем празник, историски ден, за да повикам на промена на форматот на разговорите за изнаоѓање решение, односно носители на одговорните тимови на двете земји да бидат премиерите, и да се обидеме заедно да дојдеме до некое за двете страни прифатливо решение, крајниот збор секако и секогаш ќе го имаат граѓаните на организиран референдум и тоа е обврска од која ниту еден политичар, партија или поединец не смее да бега, рече македонскиот премиер Груевски.
Со цел забрзување на процесот на разговори и апел за поголем фокус кон ова прашање на сите засегнати страни, Груевски обелодени дека размислува да се обрати до организацијата на Обединетите Нации со став, како што рече, за промена на форматот на разговорите, со што би се следел примерот и на Србија и Косово, во кои разговори, покрај медијаторот, би учествувале сите директно, интензивно со свои тимови и експерти од нашата земја.
– И сега сум убеден дека, ако пред пет или шест години некој на светов имаше резерва или скепса за нашите убедувања дека нашиот сосед нема елементарен интерес ниту волја да разговара, а камо ли да го реши спорот, овојпат на сите им е јасно тоа. Ако на некого не му е, јас го повикувам да го натера нашиот сосед да седне и да разговара со нас на реални разговори со добра воља во присуство на медијаторот и на кој сака од меѓународната заедница, и да се увери во ова кога ќе добие негативен одговор од другата страна. Односно наместо некои да трошат енергија со тоа што мислат дека ќе помогнат некому измислувајќи нови и нови услови за нашата земја, или критики за наводни недостатоци во системот, судството, администрацијата, медиумите и слично, нека потрошат малку енергија да ги убедат нашите соседи да седнат и да разговараат со нас со позитивна и конструктивна мисла. Со добра волја за решение“, повика Груевски.
Makfaks