Позитивниот извештај од Европската комисија и третата по ред позитивна препорака за старт на пристапните преговори со ЕУ е потврда за успехот на реформите во Македонија. Ова го истакна истакна премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на вчерашната годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека во моментов од големо значење за Македонија е пресудата  на Меѓународниот суд на правдата.

Правдата можеби е некогаш бавна, но секогаш стигнува. Токму Македонија по долго чекање деновиве беше осветлена од правдата. Од Меѓународниот суд  во Хаг добивме пресуда со која се потврди дека Македонија одговорно се однесувала во целиот овој период, дека на ниту еден начин не сме ја прекршиле Времената спогодба, дека сме се воздржувале од провокација кон Грција, дека сме учествувале со добра верба и со добра волја во разговорите за надминување на разликите околу името и дека со тоа што сме именувале аеродроми и стадиони и што сме поставувале споменици, иако дома бевме обвинувани, Судот кажа дека не сме направиле прекршок, рече Груевски.

Според него, државите основачи на Судот треба да испратат силна порака дека меѓународната правда  треба да се почитува.

– Меѓународното право вели дека одлуките на Судот треба да се почитуваат генерално, а не по исклучок. Токму земјите основачи на Судот треба да испратат силна порака дека владеењето на правото е сигурен стандард кон кој сите се стремиме и дека легитимноста и кредибилитетот на Судот се неспорни и потврдени. Треба да имаме верба дека најсилните меѓународни организации, поткрепувајќи го кредибилитетот на Судот и на неговите одлуки, ќе испратат порака до целиот свет дека во односите помеѓу земјите и нациите единствено важат принципите на правото и правдата, а не законот на дивината каде по правило посилниот победува, а не правдата, рече Груевски.

Во контекст на одржувањето на 14. Годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски потенцираше дека жената е столб на модерното општество дека може да биде добар работдавач, но и посветена жена и мајка и оти може да биде успешна на секое поле.

OhridNews