Со деструкција и фабрикување афери не може да се освои довербата на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ е поголемо од сите закани на челникот на СДСМ, Зоран Заев и од неговите криминогени и деструктивни планови, порача Никола Груевски, челник на владејачката партија барајќи од правосудните органи да работат според законите и да не подлегнуваат на ничии притисоци, пренесува „Макфакс“.

„Додека ние промовиравме проекти и реформи, нови фабрики и нови работни места, некој упорно се обидува да промовира афери, манипулации и скандали. Додека ние се бориме за стабилност, привлекување инвестиции и нови вработувања, некој се обидува да конструира кризи и тензии и да ја влече нашата земја кон дното“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на промоцијата на седумте нови проекти за младите.

Оцени дека е „жално“ што некои мислат дека кризата на целата држава е излез од состојбата во која тие се наоѓаат. Поради тоа, додаде Груевски, Зоран Заев очајнички бара помош…, оценувајќи дека поради тоа лидерот на СДСМ најавува обвиненија, притвори надевајќи се дека тоа ќе влијаело на кампањата .

„Тоа што Зоран Заев не може да го разбере е дека ВМРО-ДПМНЕ е поголема од неговите закани и од неговите криминогени деструктивни планови. Нашите проекти и нашата доверба кај граѓаните е многу поголема од омразата која блика од Заев и од неговите први соработници и која станува основа на секој нивен потег .Со деструкција и со фабрикување на афери не може да се освои довербата на граѓаните. Граѓаните знаат кој работи во нивна корист и тоа ќе го потврдат по десетти пат“, рече Груевски.

„Би рекол, кој за што се определил во своето делување. Но, деновиве сме сведоци на кулминација на таквата деструктивна политика на СДСМ, деновиве сме сведоци на уцени на закани, навреди и провокации. Се обидуваат да наметнат закони за цензура и да го опструираат единствениот излез од политичката криза која ја наметнаа, а тоа се изборите на 24-ти април, на коишто само народот одлучува. Тие знаат дека ако нема криза и ако нема конфликт, тогаш нема што да им понудат на граѓаните, затоа се плашат од излегувањето на земјата од кризата и затоа не сакаат да се соочат со граѓаните на 24-ти април“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски порача и дека без разлика на атмосферата којашто „се обидува да ја креира“ СДСМ и „нивните медиуми“, без разлика на аферите, измислиците и подметнувањата, „правдата и вистината на крајот секогаш ќе победат“.

„ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува правосудните органи да не подлегнуваат на никакви притисоци, да работат исклучиво согласно словото на законот и да не дозволат да бидат вовлечени во политичка кампања. Нашиот народ е мудар и гледа, гледа сé“, рече.

Груевски е уверен дена народот е добро запознаен и забележува што зошто и кој, спроед него, се обидува повторно земјата и граѓаните да ја влечат наназад.

„Тоа нема да мине. Тоа едноставно нема да им помине. Нашата макотрпна работа, нашите проекти за граѓаните се нашиот најдобар одговор за тоа што работиме, но и се детерминантата за нашето делување. Ние знаеме дека народот е со нас, и тоа ни дава дополнителна и неисцрпна сила да продолжиме напред со нови проекти, нови идеи, нови мерки, мерки за сите граѓани, затоа што Македонија мора и ќе оди напред и тука нема запирање“, заклучи Груевски.

OhridNews
извор: „Макфакс“