ЕУ не треба повеќе да чека за да ги започне преговорите со Македонија, што ќе биде и катализатор за решавање на спорот со Грција, порача премиерот Никола Груевски, денес, на говорот во рамки на европската канцеларија на германската фондација „Конрад Аденауер” во Брисел.
– Европската интеграција на Македонија е главен национален приоритет и стратешка цел на земјата. Посветени сме на ЕУ-агендата, но некои политички размислувања не може да се потценат, посебно економската ситуација насекаде и тоа што има голем број на невработени млади луѓе. Постојано го слушаме аргументот дека Македонија не може да ги почне преговорите за членство поради тоа што ЕУ сака да има чисто досие и да го зачува мирот во куќата. Унијата не треба да чека повеќе да ги почне пристапните преговори со нас оти отворањето на преговорите ќе биде катализатор за решавање на прашањето за името”, изјавил македонскиот премиер, пренесува МИА.
Според Груевски соработката и компромисите се цели на ЕУ, а со посветеност од страна на Грција во констурктивен дијалог може да се дојде до договор. Владеењето на правото е основната вредност на ЕУ, и сите земји-членки треба да работат според меѓународното право и меѓународно-прифатените правни обврски, смета тој.
– Меѓународниот суд на правдата за прашањето за грчката блокада на македонското приклучување на НАТО одлучи дека тоа било нелегално и го прекршило билатералниот договор од 1995 година. Оваа одлука јасно ја оправдува нашата позиција и правото да го користиме уставното име на нашата земја, а ако сакаме да се приклучиме на меѓународни организации какви што се ЕУ и НАТО, да бидеме прифатени под привременото име со тоа што другата земја, нашиот јужен сосед, нема право да нè блокира. Грција не постапи во согласност со пресудата на судот од Хаг, па се прашуваме што е улогата на меѓународното право?”, запрашал Груевски.
И покрај неможноста да се започнат преговорите, Груевски потсетил дека реформите се врвен приоритет на сите влади на Македонија, напоменувајќи дека во 2012 година, заедно со Еврокомисијата се институционализираа и надградија реформските процеси со формирање на т.н. Пристапен дијалог на високо ниво, продолжија реформите на судството, јавната администрација, медиумите, борба со корупцијата и подобрување на инвестициската клима. Груевски смета дека почетокот на пристапните преговори, само би го поттикнал овој процес, известува дописникот на МИА од Брисел.
OhridNews