Како што пренесуваат дел од медиумите, вицепремиерката  Теута Арифи на денешната средба со грчкиот колега Теодорос Пангалос во Атина, ќе предаде официјално писмо од македонскиот премиер Никола Груевски до грчкиот премиер Лукас Пападемос со кое се бара одржување средба што е можно поскоро.

На почетокот на писмото, Груевски нагласува дека градењето добрососедски односи, односно на партнерски и пријателски односи со своите соседи е приоритет на Република Македонија. 

– Затоа би сакал да нагласам дека токму во духот на градењето на добрососедските односи постои неопходност од одржување взаемен директен дијалог на највисоко ниво и меѓу нашите две држави, а посебно и при случаи кога постојат прашања кои се отворени и чие решение треба да биде од взаемен интерес, меѓу другото се наведува во писмото на премиерот Груевски.

Груевски наведува дека средбата би можело да се одржи во Атина, во Скопје, или на кое било друго место, зависно од желбата на грчкиот премиер.

Во писмото понатаму тој изразува уверување дека една таква средба ќе претставува силен стимул и позитивен моментум за разговорите за прашањето за името што се водат под покровителство на Обединетите нации, кои заедно со позитивната одлука и препорака на Меѓународниот суд на правдата во Хаг би биле и дел од заокружувањето на прашањата и решенијата од заеднички интерес во градењето позитивна атмосфера, а посебно во однос на прашањето за името во контекст на европските и евроатлантските интеграции.

OhridNews