Со експозе на мандаторот Никола Груевски, попладнево, во македонското собрание започна седницата на која се гласа за избор на новиот владин состав. Груевски пред пратениците ја презентира програмата за наредниот мандат во периодот од 2014 – 2018 година.
На почетокот од своето излагање тој изрази жалење што опозицијата оваа седница наместо од собраниските клупи ја следи преку тв-екраните, нагласувајќи дека таа ќе се врати поради гласовите што ги добиле од своите поддржувачи. Груевски нагласи дека во наредниот период владата ќе се фокусира на пет точки, меѓу кои клучни ќе бидат стратешките определби на земјата, ЕУ и НАТО интеграциите, како и економијата.
„Владата нема да дозволи решение на спорот за името, кое задира во националниот идентитет и кое е спротивно на Уставот”, рече Груевски и нагласи дека доколку се дојде до можно решение дека за него ќе се изјаснат граѓаните на референдум.
„Граѓаните ја даваат довербата, тие знаат да препознаат кој може нивните очекувања да ги оствари. Работевме и ќе работиме многу. Имавме и грешки во работата, но немавме стратешки грешки. Нашата намера секогаш беше да направиме добро. Се покажа дека програмата е главна водилка во работата на владата. Програмата е прецизна, со над 2000 проекти”, рече Груевски.
Груевски најави напредок на Макдонија преку интензивирање на економскиот раст со пораст на БДП од 3% до 6% во наредните четири години, под претпоставка да не се случат нови економски шокови. Тој додаде дека во наредниот четиригодишен период очекува во државата да влезат од 350 – 550 милиони евра странски инвестиции, а најави и отворање на нови 64 илјади работни места, каде, како што истакна, главен приоритет ќе бидат младите лица за кои владата презема соодветни мерки. Груевски најави нови 660 станови за ранливите лица, покачување на минималната плата од 8.800 на 9.590, а во 2016 година, минималната плата, како што истакна, ќе се покачи над 10.000 денари. За поддршка на домашното стопанство, Груевски најави нови 100 милиони евра, финансиски средства по исклучително поволни услови.Новата влада ќе се заложи и за слободно и професионално новинарство.
Во опозициските клупи во Собранието единствено присутна беше пратеничката Роза Топузова Каревска од ЛДП, која не поднесе ниту оставка, ниту, пак, претходно потпиша изјава на нотар за неприфаќање на пратеничката функција.
OhridNews
извор Макфакс