Сепак, премиерот укажа дека треба да се знае дека во демократијата во сите држави, честопати има ситуации кога организаторите на одредени протести знаеле да изманипулираат со граѓани кои честопати дејствувале под емоции, понекогаш и под заблуда. Иако, подоцна можеби многу од нив сфатиле дека во моментот биле изманипулирани.
– Како и да е, од она што сум информиран од МВР, можам да потврдам дека Министерството има обезбедено цврсти докази кои ќе ги презентира пред судот за убиството на петте лица кај Смиљковското Езеро и времето ќе покаже дека тие докази се она што е вистината, а не она што мислам, дека некој ги манипулира луѓето. Во секој случај го почитуваме правото на протест и сериозно пристапуваме кон анализирање на такви настани и во дополнителни проверки на нашето работење, изјави Груевски.
Прашан дали има опасност од нарушување на меѓуетничките односи, Груевски рече дека Македонија е мултиетничка држава и како и сите мултиетнички држави секогаш секое дејство кое има некаков карактер поврзан со одреден етникум, може различно да се толкува.
– Овде станува збор за граѓански протест кој имаше одредена етничка димензија која беше очигледна во вчерашниот настан, но не верувам дека ќе влијае значително затоа што наскоро ќе започне судската расправа, ќе се обелоденат доказите и луѓето ќе разберат дека станува збор за сериозни докази и дека не станува збор за етнички работи ,затоа што убиство е убиство независно кој го направил и дали бил Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Бошњак или која било друга националност. Не можеме да кажеме дека ако некој е од одредена етничка припадност, тоа треба да го оправдаме. Тоа треба да се осуди, нагласи претседателот на Владата.
извор: МИА