Македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски  оцени дека сениште од минатото на СДСМ ја сопрело работата на комисијата за настаните од 24 декември и нагласи дека доколку постои волја од другата страна, комисијата ќе продолжи со својата работа, пренесува „Макфакс“.

„Работата на Комисијата одеше добро се додека не се појави едно сениште од минатото на СДСМ кое со своите активности ја запре работата на Комисијата, ја блокираше со своите инсталации во партијата. Според мое видување тоа е главната причина што процесот не финиширал со успех“, изјави Груевски, замолен да го коментира повлекувањето на претседателот на Комисијата Борче Давитковски.

„Се додека тоа лице беше на годишен одмор работите одеа добро и се заврши 90 отсто од работата на Комисијата. По неговото враќање и активности, деструктивни како и секогаш, првин се појавија првите знаци на проблематизирање на се и сешто, што е дел од неговиот карактер, а потоа настана блокада на целата работа, истакна Груевски.

Тој потврди дека остварил телефонски разговор со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, при што било договорено работата да продолжи и без Давитковски.

Според Груевски, Заев имал волја да се надминат проблемите, но дека немал контрола во партијата и дека требало да ги расчисти работите внатре во партијата.

OhridNews
извор:„Макфакс“