Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори постапка против шест лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик. Mеѓу нив и првоосомничен е поранешниот лидер на ВМРО ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, како и неговиот кум од првиот брак Ристо Новачески, кој се сомничи за перење пари. Во случајот уште се инволвирани и Сашо Мијалков, Јордан Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ
Во периодот од 2006 до 2012 година првоосомничениот како претседател на политичка партија дел од паричните средства кои во овој период ги примил лично или преку општинските комитети на партијата како донации за финансирање на политичката партија, не ги прикажал како примени донации во финансиските квартални извештаи на партијата и од нив за себе присвоил пари во износ најмалку од 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари. – соопшти Јавното обвинителство.

Во периодот од 20 јули 2015 до 26 јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели во КО Центар 2, со цел да се прикрие вистинскиот сопственик третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице. Тој, по претходен договор со првооосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице. За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот „новите сопственици“ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6785м2 на три нови парцели. За да ја прикријат локацијата и сопственоста плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена. – соопшти Јавното обвинителство.
Во утринските часови денеска, третоосомничениот е лишен од слобода и ќе биде изведен пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје. Обвинителството ќе му предложи на судот на осомничениот да му биде определена мерката притвор. За останатите осомничени судот веќе има изречено превентивни мерки за обезбедување на присуство во други предмети, а првоосомничениот е недостапен на органите на прогон.
OhridNews












