Нема да доцнат плаќањата во стопанството. Со Закон за финансиска дисциплина ќе бидат прецизно утврдени роковите во кои ќе се подмируваат обврските, најави премиерот Никола Груевски во обраќањето пред бизнис заедницата.

Премиерот истакна дека рокот за плаќање помеѓу фирмите во земјава ќе биде максимум 60 дена, а ист толкав рок ќе имаат и државните установи за да ги подмират обврските кон приватниот сектор.По овој рок започнува да тече казнена камата. Исклучок само ќе биде Фондот за здравство за кој овие рокови ќе почнат да важат од 2016 година. Договорните страни имаат право договорно да го пролонгираат рокот на плаќање но не повеќе од 90, односно 120 дена, освен во случаи кога се работи за долгогодишни проекти. 

Со цел зголемување на финансиската дисциплина, Груевски најави дека државата јавно ќе ги објави имињата на физичките и правни лица кои должат 2000 и повеќе, односно 5000 и повеќе евра.

Груевски најави дека Владата во новопроектираниот буџет за наредната година предвидува зголемување на пензиите и на надоместот за социјална помош за 5 отсто од март и на платите во јавниот сектор за пет отсто од октомври. Се планира и зголемување на додатокот за самохрани родители кои имаат деца со пречки во развојот за 50 проценти од јануари, а се воведуваат и додатоци за мобилност за квадриплегичарите (целосно неподвижни лица) во износ од 7.000 месечно и за целосно глувонеми лица од 4.000 денари месечно. 

OhridNews