Во текот на денешниот ден на гласање беа забележани огромни нерегуларности, индиции за поткуп на гласачи, партиско агитирање, притисоци, закани и уцени од униформирани и неунифромирани лица, физичка пресметка, информации за организиран бугарски воз, односно ставање на однапред заокружени ливчиња, гласачки ливчиња од едни општини носени во други со цел да се извадат ливчиња од тие гласачки места за да се спроведе бугарскиот воз, уцени врз земјоделци, вработени во државна администрација…и на сето ова огромен молк од полицијата, која е активен соучесник во овие фалсификувани избори. Ова го изјави лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на прес конференција вечерва, посочувајќи дека опозцијата не ги признава резултатите од локалните избори.

-Рано изутрина беше грубо прекршен изборниот молк. Денот започна со илјадници флаери кој се дел од црната и лажна кампања на СДСМ, расфрлани по домовите во Кисела Вода, Гази Баба, Бутел. Информациите се дека при делењето полицијата е најверниот чувар на активистите кои ги делеле флаерите. Во Кисела Вода видовме како таткото на кандидатот за градоначалник од СДСМ јавно порачува дека сега биле власт, можеле 1100 луѓе да избркаат од работа и тоа луѓе од Драчево, доколку не гласаат за СДСМ. Најдиректна уцена и закана. Медиумите и нашите активисти од терен јавија и за поткуп на гласачи кој е забележан и во населбата Визбегово, во Бутел, каде лично претседателот на СДСМ во Бутел, Петковски делел прехранбени намирници во насока на поткуп на гласачи. На медиумите се појави видео снимка од Штип со објаснување дека се врши организиран поткуп. Човек кој важел за близок до СДСМ си дели пари што упатува дека врши поткуп на гласачи, по ваквиот, полицијата во текот на целиот ден не превзеде ништо за расчистување на овој случај. – рече Груевски. Тој додаде дека нерегуларности имало и во другите општини каде денеска имаше втор круг од локалните избори.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ ја обвини власта за изборен инжењеринг во кој било вклучено и СЈО, 

-Македонија денес се соочи со екстремно недемократски поход по секоја цена СДС и Заев да добијат некаков си легитимитет кој е потребен на некого, за почеток на операцијата за редефинирање на државата по сите основи. И Македонија денес се соочи со најнов жесток напад да се срози и уништи ВМРО, односно да се уништи имунитетот на Македонците и способноста и волјата да си ја одбранат својата држава со државност и државни карактеристики каква што ги знаеме во моментот. На овие избори ВМРО-ДПМНЕ се соочи со двоен противник. Првиот е СДС кој е легитимен наш политички противник и кој лесно ќе го победевме во фер и демократски услови. Најголемиот политички противник на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори беше полицијата, која директно, непосредно, жестоко и брутално се ангажираше во партиска цели и интерес на СДС, како и раководителите на целокупниот државен апарат кој вршеше дрзок и нечовечки притисок врз администрацијата, земјоделците, социјално ранливите категории, па дури и врз наставниците и лекарите кои треба да се интелектуалното јадро на оваа држава. – изјави Груевски, според кого во Македонија имало мафијашки локални избори.

OhridNews