Синоќа во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид се оддржа граѓанска трибина предоводена од премиерот на Република Македонија и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во рамки на редовните активности и средби со граѓаните на караванот на Владата на Република Македонија, составен од ресорни министри, државни секретари и директори на државни и јавни претпријатија.

Во своето обраќање до охриѓани, Груевски се осврна на повеќе сегменти од работењето на Владата, почнувајќи од реформите, привлекувањето странски инвестиции, социјалната помош наменета за загрозената категорија граѓани, зголемувањето на пензиите, вработувањата во државната администрација и јавните претпријатија, субвенциите за земјоделците, патната инфраструктура, здравството, образованието, борбата против корупцијата и криминалот, државните интереси, евро-атлантските интеграции и долгогодишниот спор за името кој земјава го има со јужниот сосед.

Како што ветивме во 2006-та година дека ако ја добиеме поддршката од граѓаните, ќе бидеме меѓу нив, независно дали доаѓаат избори или не. Така во сите овие години, ВМРО-ДПМНЕ најмалку еднаш во годината прави јавна отворена трибина, дебата со сите граѓани кои сакаат да се вклучат на таа трибина. И тоа не го прави во првата и втората година откако завршија изборите во 2006-та, или само пред избори, туку ние секоја година сме тука поделени во два тима. Едниот го предводи Ставрески, а другиот јас. Едниот доаѓа една година, другиот другата, покривајќи ја целата територија. Доаѓаат голем број луѓе кои имаат значајни одговорности пред граѓаните да одговорат за тоа што работат. Да ги слушнат вашите критики, сугестии и се она што е од ваш интерес. Останавме доследни на ветувањето дека ќе бидеме Влада која најмногу, споредбено со било која друга, ќе работи. И навистина, од првиот ден до денес, оваа Влада, овие луѓе даваат се што е во нивна моќ, и јас лично со нив, да го постигнеме она што сме го зацртале.“ – изјави Груевски при отворањето на граѓанската трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.

На почетокот од своето обраќање, премиерот Груевски најави дека од месец мај идната година, пензионерите ќе добиваат повисоки примања за пет отсто, нагласувајќи ги намалените цени на лековите, бесплатното болничко лекување и можноста за користење бесплатно бањско лекување на оваа категорија граѓани.

Останавме со грижата за пензионерите. Ние безмалку секоја година правима по едно покачување на пензиите. 30 отсто е зголемена до сега, а еве веќе од месец мај најавуваме уште едно покачување од 5 отсто на пензиите. Дали некој од вас се сеќава дека имало покачување на пензиите за време на владеењето на нашиот политички противник. Ние се трудиме да им го подобриме животот на пензионерите колку што можеме повеќе. Покажавме дека навистина останавме на тоа што го ветивме и ќе останеме понатака. Исто така покажавме грижа и према луѓето кои се во социјално најранливата категорија граѓани. Имавме мерки со кои е зголемена социјалната помош паралелно со зголемувањето на пензиите.“ – потеницира Груевски.

Тој додаде дека Владата во изминатиот период, била фокусирана во изнаоѓање на инвестиции коишто би помогнале во отворањето на нови работи места, со кои ќе се решат проблемите на ранливата категорија граѓани во земјава. Груевски истакна дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ е прва која деновиве донела одлука за вработување лица со посебни потреби во државниот сектор.

Токму заради тоа, најголемиот дел од нашето време го посветуваме на економијата, на привлекувањето инвеститори. Како што можете да зебележете од нашите јавни настапи, тоа е главниот фокус на нашето делување. Верувам дека токму заради тоа, во најголема мерка ја добиваме поддршката во изминатите години. Останавме со грижа за оние луѓе кои се приматели на социјална помош или се во тешка ситуација и преку многу други акции, неодамна завршивме еден крупен проект за вработување на 1600 луѓе од ранливата категорија граѓани. Вечерва можам да најавам пред вас дека Владата донесе одлука на вчерашната седница за вработување во државниот сектор на лица кои се со посебни потреби.“ – истакна Груевски, осврнувајќи се на намалената невработеност во земјава за време на светската економска и европската должничка криза, од 38 на 28 отсто.

Груевски ја обвини опозиционата СДСМ дека не работи во интерес земјава околу надминувањето на спорот кој Македонија го има со јужниот сосед, додавајќи дека опозицијата ги уништува државните интереси за ситни политички поени.

Можам да кажам дека останавме доследни и во напорите за одбрана на државните и националните интереси. Од почетокот до денес, ние сме Влада која се залага земјата да се зачлени во ЕУ и НАТО и сметаме дека тоа е добро од многу аспекти. Неслучајно три години откако дојдовме на власт ги исполнивме сите услови за Македонија да влезе во НАТО и да ги започне финалните преговори за членство во ЕУ. За жал, се судривме со прашања со кои што ниту една друга земја не се судрила. За она што нашиот јужен сосед бара промена на името на државата, името на јазикот, на нацијата и промена на целиот идентитет. Жал ми е што на политичката сцена во нашата опозиција немаме соодветен партнер, како што има кај нашиот јужен сосед. Додека бев на Генералното собрание на ОН, читам низ медиумите дека во Македонија еден висок претставник на опозицијата отишол во Грција и давал изјава во сите грчки медиуми дека Македонија е крива што не се решил спорот. Два дена подоцна, тие снимки што ги емитуваа грчките телевизии се даваа во Брисел кај сите политичари. До кога вака. До кога заради ситни политички поени по секоја цена да се дојде на власт, ќе се уништуваат нашите државни интереси.“  – порача Груевски.

Во својот говор пред охриѓани, премиерот Груевски се осврна на инвестициите во коридорот 10, изградбата на автопатот Кичево-Охрид, 135-те милиони евра субвенции за земјоделците, борбата против криминалот, како и новостите кои следат во образовниот и здравствениот сектор.

Оваа година 135 милиони евра се даваат за поддршка на македонските земјоделци, а следната 140 милиони. Тоа е посветеност и грижа. Во здравството во неколку години се инвестирани 100 милиони евра. Дополнителни 100 ќе се инвестираат во реконструкција на нови болници. Конечно во овој дел, еден исто значаен проект, а тоа е обука на лекари и медицински персонал. Донесовме програма 500 лекари да одат секоја година во странство со цел да научат нова метода на лечење која ја нема во Македонија, а ја има во САД, Германија, Австрија. Останавме доследни на тоа што образованието ќе ни биде во врвот на приоритетите. Направивме комплетна промена и револуција, дали да тргнеме од бесплатното средно образование, бесплатните книги, новите универзитети, новите факутлети, преведени 1000 книги кои се користат на првите 10 факултети во светот. Наскоро ќе се склучи договор со Кемрбриџ, да направиме аранжман, во еден петгодшен период да ги следат македонските наставни програми во нашите средни и основни училишта.“ – додаде Груевски, истакнувајќи дека секој граѓанин кој ќе се запиште на првите 100 рангирани светски универзитети според Шангај, односно првите 200 во делот на техничките науки, ќе добие целосна стипендија која ги покрива сите трошоци.

Со претходен договор, откако ќе го завршат факултетот, да се врат во Македонија и да поминат тука 6 години, во нашата земја, за тука да придонесат. Овозможивме ако некои од тие луѓе се запослат во некоја од првите 500 компании според Форбс, да им се овозможи 3 години да работат таму,  а потоа да се вратат во земјава.“ – истакна Груевски.

Пред охриѓани се обрати и актуелниот градоначалник на општина Охрид, Никола Бакрачески, кој се осврна на наследените проблеми со кои се соочува локалната самоуправа, долговите на јавните претпријатија и проектите и новостите кои се предвидени во идниот период.

На крајот од средбата, граѓаните имаа можност да ги запознаат ресорните министерти, државни секретари, директори на државни и јавни претпријатија и претседателот на Владата, со проблемите се соочуваат секојдневно.

О.Т.