Македонскиот народ никогаш нема да прифати да биде преименуван, а ако ова прашање не може да се реши сега, иако ние сме најзаинтересирани за негово решавање и искрено посакуваме решение кое ќе е одржливо, балансирано, и најбитно заемно прифатливо, тогаш некоја друга генерација во поинакви околности ќе може да го реши ама токму врз база на вредностите, позициите и принципите кои претходно ги наведов, а кои говорат за праведно и правично решение, без победници и поразени, рече премиерот Никола Груевски во обраќањето на Генералното собрание на ОН.
Македонскиот премиер во обраќањето доцна синќа, ја повика светската организација да не замижува и да покаже активност во решавањето на македонско-грчкиот спор. Груевски рече дека Обединетите нации не смеат да не погледнат во прекршувањето на фундаментално човеково право самоименувањето и треба да покажат суштинска активност во овозможувањето на тоа право, а во овој случај активност која ќе води кон решение на отворените прашања кои ние ги имаме со Грција.
Груевски рече дека меѓународното право треба да е решение за секој предизвик. ОН, истакна Груевски, беа формирани за да го штитат меѓународното право. Ниту една норма од меѓународното право не налага некоја земја да не може да се нарекува како што сака, а нејзините граѓани да не можат да се нарекуваат и именуваат како сакаат. Именувањето е едно од петте елементи на државите и тоа е неоспорно право на секоја земја член.
Република Македонија ја прославува 20-годишнината од членството во ОН со сè уште нерешено прашање во однос на употребата на името на мојата земја, Република Македонија и прашањето околу идентитетот на мојот народ – македонскиот идентитет, прашања кои се појавија заради спор кој го отвори нашиот јужен сосед Грција кој се противи на нашето именување кое е наше суштинско индивидуално и колективно право, истакна премиерот Никола Груевски во обраќањето пред 68 Герелано собрание на ОН во Њујорк.
Република Македонија, согласно меѓународното право, посочи Груевски, има право да се самоименува и да го именува својот идентитет како македонски.
– Македонскиот народ никогаш нема да прифати да биде преименуван, а ако ова прашање не може да се реши сега, иако ние сме најзаинтересирани за негово решавање и искрено посакуваме решение кое ќе е одржливо, балансирано, и најбитно взаемно прифатливо, тогаш некоја друга генерација во поинакви околности ќе може да го реши ама токму врз база на вредностите, позициите и принципите кои претходно ги наведов, а кои говорат за праведно и правично решение, без победници и поразени. Но, лично сметам дека ние не смееме да ги оставаме жешките теми на идните генерации, туку мора да се обидуваме да најдеме решение и да смогнеме сили да обезбедиме просперитет за државите и регионот, рече македонскиот премиер.
Нагласи дека решавањето на разликите со јужниот сосед е наш приоритет, но токму и само во рамките на границите на резолуциите на ОН кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение, и никако на друг начин, а особено никако со проширување на тие граници.
– Шеесет и шест години по Универзалната декларација за човековите права, со овој спор кој ни е неправедно наметнат од Грција се повредува и едно од фундаменталните права на поединецот, правото на самоименување. На било кој припадник на мојот народ му е оспорено правото да се именува онака како што се чувствува, онака како што се именувале и чувствувале неговите мајка и татко, баба и дедо, и сите останати предци во историјата – како Македонец. Грција покрај што го оспорува уставното име на мојата земја Република Македонија го оспорува и идентитетот на моите граѓани, односно не дозволува тие да се нарекуваат Македонци, а јазикот кој го говорат да се нарекува македонски иако уште од пред повеќе од половина век низ универзитетите на свтот има катедри на кои се изучува македонскиот јазик и истиот се именува како македонски јазик. Тоа е како некој да ви оспорува дека говорите француски, германски, полски, англиски, холандски, португалски, јапонски, индијски и други јазици, истакна премиерот Никола Груевски.
Груевски рече дека Обединетите Нации не смеат да не погледнат во прекршувањето на фундаментално човеково право самоименувањето и треба да покажат суштинска активност во овозможувањето на тоа право, а во овој случај активност која ќе води кон решение на отворените прашања кои ние ги имаме со Грција.
– Минатата година дебатиравме за превентивната дипломатија и заклучивме дека таа треба да биде суштински елемент на меѓународната заедница. Затоа ОН не можат и не смеат да стојат настрана од овој процес кој силно ги попречува македонскте аспирации за подобра иднина за граѓаните. Треба ангажман за да се овозможи Грција да пристапи кон решавање на ова прашање, зашто две години наназад се забележува огромна инертност на грчка страна која, покрај тоа што е резултат на објективни причини предизвикани од нивната неповолна економска состојба, има и стратешки и тактички политички елемент кој е базиран на анализата дека со одолговлекувањето на процесот и нерешавање на спорот ќе се придонесе Република Македонија да се изолира во своите позиции кои се базирани на меѓународното право и вредностите и да потпише своевидно самоукинување на државата и на нацијата преку согласност за преименување, рече Груевски.
Во таа анализа, додаде македонскиот премиер, се цени дека со немањето на интензитет на разговорите, Македонија соочена со блокираните евро и евроатлантски интеграции кои се попречени директно од спорот и покрај исполнувањето на стандардите кои ги побараа меѓународните мултилатерални организации (НАТО и ЕУ) во кои сме попречувани да влеземе, и соочена со можноста за внатрешни несогласувања околу оваа попреченост која е предизвикана од нашиот јужен сосед, дека ние би го спуштиле гардот и покрај силата на аргументите која е на наша страна. /о:п>
– Точно е дека со одолговлекувањето на решението на спорот растат предизвиците и во земјата, но и на регионално ниво, и расте и тензичноста во определени моменти, но на секого треба да му е јасно дека таквите предизвици никако не може да се сметаат како тас на вагата кој ќе придонесе да се измени нашата оправдана и меѓународно правно исправна позиција, што би водело кон промена на нашиот македонски идентитет. Не може со наметнување на позиции на блокади да се промени нешто што постои со векови, ниту пак со закани од можни несогласувања, тензии или немири, па дури и со ефектуирање на истите, истакна Груевски.
Потсети дека македонската страна постојано иницира конретни чекори со цел да почнат суштински разговори што би резултирале со евентуално решение.
– Велат постапките говорат исклучиво за оние кои ги преземаат. Соочен со немањето интерес на Република Грција за суштински разговори за решение на спорот, пред два месеца му предложив на грчкиот премиер да го промениме форматот на разговори, односно да го подигнеме на многу повисоко политичко ниво, јас како македонски и тој како грчки премиер, заедно со министри од двете влади директно да се среќаваме и да разговараме за решение. Тоа би водело кон поголема ефикасност, бидејќи ние сме најповикани да го решиме ова прашање. 22 години се премногу време на тапкање во место и се доволен доказ дека мора да има промена на играта. Нашиот мандат кој граѓаните ни го довериле треба да биде суштински за постигнување на взаемно прифатливо решение, за кое верувам дека може да се постигне, решение со кое ќе се согласат и ќе го поддржат граѓаните на нашите земји, истакна македонскиот премиер.
Сепак, според него, доколку нема придвижување, ОН не смее да седат со скрстени раце и да бидат задоволни со статус кво ситуацијата, затоа што тоа е покажување на дополнителна неодговорност. – ОН треба, свесни за оваа сега веќе безизлезна ситуација, да помогнат со своите механизми, преку Генералното Собрание, па и Советот за безбедност, врз основа на чија резолуција разговараме со нашиот сосед, да се дојде до решение кое ќе ги одглави перспективите на мојата земја. Во спротивно, ОН ќе се соочи повторно со неуспех и ќе сноси одговорност заради нереагирањето согласно сопствените принципи и вредности. Тука не сакам да амнестирам никого, сите ние имаме одговорност, но има и оваа организација, која наместо да го прифаќа комодитетот од тивкото нерешавање на овој спор и наместо да се штити преку преспивање на оваа статус кво ситуација, која евидентно создава проблеми и предизвици за регионот, треба да почне со разгледување на алтернативни сценарија и похрабро да поттикне решавање на овој долгогодишен спор, оцени Груевски.
Прашањето што го отвори Грција кое требаше да биде веднаш решено помеѓу соседите, партнерите и идните сојузници трае веќе 22 години. Прашање кое, според мое длабоко убедување, иако претставува многу реален проблем за мојот народ, е виртуелно во својата основа и нема никаква базираност во меѓународното право ниту во актите на ОН и тешко е, би рекол невозможно, некој да најде правна оправданост за неговото постоење, истакна премиерот Никола Груевски во обраќањето пред ГС во Њујорк.
– Огромното мнозинство на земји, кои го признаваат нашето уставно име Република Македонија, а кои се над 135 членки на ОН, јасно покажуваат дека мнозинството на земји не веруваат дека овој спор има и оправдана политичка основа, или ако како таква постои ја денунцираат. Тој е произведен, според мое убедување, како класична политизација и инструмент кој пред 20-тина години или требало некому да донесе парцијални политички поени или пак преку креирање на атмосфера на конфликтност да се направат некои стратешки регионални поместувања, но и да се забави продорот на слободата, демократијата и пазарната економија на Балканот, истакна Груевски.
ООН, посочи македонскиот премиер, минатата година го разгледуваше и прашањето на владеење на правото, и сите земји-членки едногласно се сложија дека почитувањето на меѓународно договорените норми и принципи е задолжително.
– За жал, не секогаш нормите се почитуваат, а Обединетите Нации не смеат да бидат инертни на тоа и да се апстрахираат од одговорност за непочитување на владеењето на правото. Република Македонија во 1993 стапи во членство во ОН со нетипичен услов за прием, а тоа е оспорувањето на уставното име, и прием под привремена референца на земјата, преседан кој историски се нема случено никогаш и кој е во спротивност со актите на меѓународната заедница и право, но ние тоа го издржавме, иако како проблем се провлекува до ден денешен, рече Груевски.
Тој потсети дека Македонија во 1995 со Грција со посредство на ОН потпиша Времена спогодба со која го променивме знамето и делови од Уставот. Грција имаше обврска да не го попречува нашиот прием во меѓународни организации, обврска која не ја испочитува и ни го попречи приемот во НАТО во 2008, и не само што го попречи директниот чин на нашето зачленување во меѓународна организација, го прошири тоа попречување и на процесите на започнување на процедура за членство во друга организација и 4 години по ред го попречува почетокот на преговори за наше членство во ЕУ.
– Во 2010 Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој е главно тело на Обединетите нации основан од земјите членки, по основ на наша тужба за попречувањата на Грција за нашите членства, пресуди дека Грција го прекршила меѓународното право преку прекршување на Времената спогодба и дека Република Македонија со ништо не го прекршила меѓународното право и обврските кои ги преземала. Но, ние сме повторно попречувани, и покрај одлуката на највисокиот орган на правдата во светот и тоа на очиглед на ова Собрание и неговите земји членки, укажа претседателот на македонската Влада.
ОН, истакна Груевски, беа формирани за да го штитат меѓународното право. Ниту една норма од меѓународното право не налага некоја земја да не може да се нарекува како што сака, а нејзините граѓани да не можат да се нарекуваат и именуваат како сакаат. Именувањето е едно од петте елементи на државите и тоа е неоспорно право на секоја земја член.
„Што ќе ни е меѓународно право ако не го почитуваме? Ако ние замижиме пред оваа неправда и очигледно прекршување на меѓународното право директно ќе бидеме виновни за рушење на еден од постулатите на светскиот мир и на ОН. Ние тоа ниту сакаме ниту смееме да го дозволиме. Ако не постои меѓународно право би била анархија, а ОН би се претвориле во дебатен клуб без суштинска ингеренција. Ние не сакаме во тоа да учествуваме, по цена на се, па дури и на наша лична штета. Ако не го почитуваме меѓународното право, не ги почитуваме и 50 милиони жртви кои пред 70 години се изборија за него и ќе одиме против одлуките на нашите претходници-основачи на оваа организација. Меѓународното право не треба да е флоскула туку решение на секој предизвик, порача Груевски.
Подвлекувајќи дека според меѓународното право Република Македонија има право да се самоименува и да го именува својот идентитет како македонски, тој истакна дека решавањето на разликите со нашиот јужен сосед е наш приоритет, но токму и само во рамките на границите на резолуциите на ОН кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение, и никако на друг начин, а особено никако со проширување на тие граници.
OhridNews
извор:„Макфакс“