Груевски информира дека во неговата програма предвидено е отворање на нова индустриска зона, која ќе овозможи инвестиции и отворање на нови работни места. Најави изградба на слободна економска зона, како и реконструкција на патот до Слиово, реализација на проектите за водоснабдување во селата Ботун, Требеништа, Волино и Климештани, изградба на регионален колекторски систем, реконструкција на резервоарот за вода во Лактиње, реконструкција на училишта, фудбалски игралишта, изградба на монтажни училишта.
Како што рече Груевски, ВМРО-ДПМНЕ е партија која дава ветувања и ги исполнува.
– И во минатото кога имавме програми најголемиот дел беа остварени, а беа реализирани и проекти кои ги немавме ветено, но сепак увидовме дека се потребни и ги реализиравме. Тоа е нашиот начин на работење. Ние почнавме да ја менуваме политичката култура во Македонија помина времето кога имаше градоначалници, политичари, премиери и министри кои само ветуваа и ништо не исполнуваа, рече Груевски.
Кандидатот за градоначалник Трајкоски во своето обраќање до жителите на Дебрца, истакна дека општината може и мора да биде препознатлива, а тоа според него, ќе се оствари со реализација на проектите од неговата програма.
Трајкоски рече дека со реализација на ветените проекти Дебрца ќе се најде на мапата на развиени општини. Вети дека доколку го добие градоначалничкиот мандат, од 7 април во Дебрца ќе почне препороднички процес со општината.