Петок, 23 август е последниот рок кога треба да биде постигната согласност за Извештајот на Комисијата којашто треба да ги расветли инцидентите што се случија пред и во Собранието на 24 декември минатата година. Ова било договорено на средбата помеѓу лидерите на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, која се одржа денеска во Скопје, пренесува „Макфакс“.

„На средбата беше договорено, досегашниот краен рок за постигнување на согласност за Извештајот на комисијата, 14 август, да се пролонгира и истиот да биде до петок, 23- ти август 2013 година по што доколку не биде постигната согласност ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение“, се вели во усогласеното заедничко соопштение од средбата што се одржа во Владата меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Било договорено, во периодот што следува да се вложат последни напори за откочување на процесот, негово интензивирање и донесување на конечно решение околу извештајот на комисијата, како последен обид за постигнување на договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија.

OhridNews
извор:„Макфакс“